Фото: МИА

Премиерот Димитар Ковачевски во придружба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, заменик на претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, градоначалник на Пробиштип Драган Анастасов, во рамки на посетата на Општина Пробиштип денеска ја посети и компанијата „Булмак 2016“, која е одличен пример за успешно работење и јасна бизнис стратегија.

Со јасна визија и бизнис стратегија, нагласи Ковачевски, тие од рудникот „Злетово“, како фирма во стечај, за кус временски период направија успешна економска приказна.

– Рудникот „Злетово“ кој е од суштинско значење за градот и околината, е место каде што се вработени 454 инженери и рудари, нешто што му даде сила и елан на овој град да оди во прогрес. Дури и во време на криза и пандемијата со КОВИД-19, „Булмак 2016“ е вброена во најуспешните 30 компании во земјата-рече Ковачевски.

Во „Злетово“ и „Тораница“, компанијата вработува околу 800 вработени. Го зголеми производството, посочи премиерот, и не само што го задржа нивото на плати, туку и ги зголеми платите на вработените во однос на претходните години.

Според Ковачевски, рударството е еден од главните двигатели на нашата економија. Со преку 100 активни рудници, заедно со придружните дејности што го опслужуваат, овој секор вработува околу 10.000 луѓе и учествува со повеќе од 10 проценти во вкупното индустриско производство на Република Северна Македонија.

– Во име на почит и достојно признание за тешката работа на рударите, оваа Влада го исполни нивното долгогодишно барање за намалување на старосната граница за пензионирање и исправи една голема неправда. Со измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, сега рударите наместо на 58, правото на пензија можат да го остварат на 50 години. Грижата за работниците и за граѓаните е на прво место на оваа Влада. И во услови на најголема светска криза продолжуваме политики кои го поттикнуваат растот на просечната плата која надмина 30.000 денари-нагласи премиерот Ковачевски.

Потсети дека пензиите доживеаја историски најголем раст, прво, како што рече, преку усогласувањето направено на почетокот на годината преку менувањето на методологијата и усогласувањето кое што ќе следува во месец октомври.

Трендот на раст и развој на компанијата, оцени Ковачевски, е значаен и за одржлив развој на градот и општината Пробиштип.

Дополнително, напомена дека „Булмак 2016“ е резултат и на добрите економски врски со соседна Бугарија, со потенцијал за дополнително унапредување.

– Република Бугарија е наш шести најголем трговски партнер и имаме вкупна трговска размена од над 581 милиони евра. „Булмак 2016“ е пример за заедничка инвестициска соработка која треба да се следи. Соседна Бугарија е меѓу десетте наши најголеми трговски партнери, како што се и соседна Грција и Србија-се наведува во соопштението од владината прес-служба.