Фото: Влада

Премиерот Димитар Ковачевски се сретна со Хиронори Савада, амбасадор на Јапонија во земјава, со кој ги потврдија традиционално добрите и пријателски односи помеѓу двете држави и определеноста од двете страни за развој на соработката.

-Посочено е дека предвидената скорешна посета на министерот за надворешни работи Бујар Османи на Јапонија е потврда за блиската билатерална соработка меѓу државите. Заеднички е оценето дека постојат потенцијали за унапредување на економската соработка. Во таа насока, пренесена е заинтересираност од јапонски компании за инвестирање во земјава-се вели во соопштението од владината прес-служба.

На средбата била истакната и силна поддршка од Јапонија за напредокот на нашата држава во европските интеграции, бидејќи, како што е оценето, од важност за сите, и за Македонија, но и за Европската Унија и за светот е обединета Европа, со интегриран Западен Балкан во Унијата.

Исто така, заеднички била констатирана важноста на политичката стабилност во државава, со цел задржување на економската и на социјалната стабилност, во полза на граѓаните.

Премиерот Ковачевски се заблагодарил за искреното пријателство со Јапонија и за значајната поддршка што ја добива земјава од Јапонија, како еден од најголемите билатерални донатори. Тој ја поздравил Иницијативата на Јапонија за соработка со Западен Балкан од 2018 година и упати покана до компаниите во Јапонија за посета на државава.

-Економијата е стабилна и денарот е стабилен. Носиме одлуки за доброто на граѓаните и нема да дозволиме какви било несериозни притисоци за политички интереси да наштетат. За таа цел ја развиваме и регионалната соработка преку иницијативата Отворен Балкан. Во однос на отворањето преговори, Република Северна Македонија го прави потребното, работиме напорно за напредок на државата и поставени сме принципиелно во развојот на добрососедските односи-рекол премиерот Ковачевски на средбата со јапонскиот амбасадор Савада.