Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министрите за транспорт и врски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Благој Бочварски и Љупчо Николовски и градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов, денеска беа во увид на градежните работи на регионалниот пат Пробиштип-Лесново.

-Во полн ек е сезоната на градежни работи на патната инфраструктура низ целата земја. Пред десеттина дена бевме на увид во работите во западниот дел од земјата, а еве не денеска овде на истокот на увидот во работите на регионалниот пат Пробиштип-Лесново. На мое големо задоволство денес тука го гледаме остварувањето на ветеното и планираното. Да се гради и поврзува, инфраструктурно да се осовременуваат патните правци со цел подобрување на секојдневниот живот на граѓаните е високо на листата на приоритети на оваа Влада-рече Ковачевски.

Тoј додаде дека се во рамки на рехабилитацијата на овој регионален правец се обновува патната делница од Пробиштип до Лесново во должина од 3,4 километри.

-По направената подготовка за проширување и поставувањето инсталациите за одводнување, сега е во тек асфалтирањето до влезот на манастирот Лесново. Со оваа рехабилитација Лесновскиот манастир, познатите вулканските карпи, пештерите и другите природни убавини и реткости ќе станат подостапни за посетителите.
Заедно со велосипедизмот и планинарењето, во овој крај има огромен потенцијал за развој на туризмот. Реконструкцијата на овој пат е од витално значење не само за Општина Пробиштип, туку и за развој на регионалниот туризам. Лесново привлекува голем број на туристи, а реконструкцијата значително ќе придонесе за подобри услови и дополнителен развој-истакна премиерот.
Тој додаде дека Владата е посветена на изградба на модерна и безбедна патна инфраструктура и реконструкција на огромен број патни правци во државата.
-Северна Македонија се гради и поврзува, се градат нови, а истовремено се обновуваат старите патишта кои со децении беа заборавени. Од 2017 година досега изградени и обновени се над 1000 километри патишта. Инвестирано е повеќе од една милијарда евра во изградба и модернизација на патната мрежа во земјава-рече премиерот Ковачевски.

Грижата за потребите на граѓаните на локално ниво, нагласи, е особено важна за оваа Влада. Затоа, додаде тој, преку повеќе различни програми и проекти кои се во различни фази на изработка, инвестираме над 250 милиони евра во поддршка на општините и подобрување на условите во локалните заедници.
-Тоа се иновативни проекти, проекти кои ја подобруваат енергетската ефикасност, условите за работа на здравствените објекти, проекти за изградба на подобра инфраструктура за водоснабдување и пречистителни станици, но и за поврзување на локалните патишта со што се олеснува патувањето, транспортот и секојдневниот живот на граѓаните. Знаеме дека развиената патна инфраструктура е од суштинско значење за развој на економијата и затоа и во услови на најголема криза ние инвестираме во овие проекти. Тоа се инвестиции за безбедно патување, за ефикасно поврзување и транспортирање на производите на компаниите за економски развој на земјата-изјави Ковачевски по увидот на градежните работи на регионалниот пат Пробиштип-Лесново.