фото: Влада/Гордан Грлиќ-Радман на неодамнешната средба со Димитар Ковачевски

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, се сретна со Гордан Грлиќ Радман, хрватскиот министер за надворешни и европски работи при што беше пренесен јасен став дека Хрватска продолжува активно да ги поддржува европските перспективи на Македонија.

Како што соопшти владината прес -служба, оценето е дека почеток на преговорите на Македонија со ЕУ е од важност за стабилноста на регионот, а со тоа и за самата Унија. Нагласено е дека нашата држава практикува европски вредности на политички и реформски план и дека долгоочекуваниот исчекор во евроинтеграциите е заслужен и потребен.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за големата и пријателска поддршка од Република Хрватска на сите значајни, демократски процеси во земјава. Тој, како што се наведува, рече дека Македонија продолжува да практикува европски вредности и потенцираше дека ваквата политичка насоченост е значајна и за државава и за регионот и ЕУ.

– Се поставивме целосно на линија на надворешната политика на ЕУ во однос на војната во Украина. Поставени сме принципиелно во развојот на добрососедските односи. Посветени сме на заштита на животниот стандард на граѓаните. Ова се позициите од коишто продолжува да работи Владата – рече премиерот Ковачевски.

На средбата е констатирано дека 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Хрватска ја бележи плодна соработка во сите сфери од взаемен интерес и дека соработката се унапредува, како на билатерален план, така и како меѓу две држави – членки на НАТО. Во таа насока е разговарано и за одржување заедничка седница меѓу владите на Македонија и Хрватска, се наведува во соопштението.