Фото: Влада

Со највисоки државни почести, интонирање на македонската и бугарската химна, владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски попладнево беше пречекана во Софија од бугарската делегација на чело од премиерот Кирил Петков.

Официјалниот пречек се случи на плоштадот „Александар Невски“ во Софија, каде што двајцата премиери положија цвеќе на Споменикот на непознатиот војник.
Македонската делегација ќе остане во дводневна посета, а утре двете влади ќе одржат и заедничка седница во резиденцијата „Бојана“.

Ковачевски и Петков ќе имаат воведно обраќање, а потоа ќе одржат и заедничка прес-конференција. Предвидено е да се потпишат и неколку билатерални документи.
Датумот на заедничката владина седница беше официјализиран за време на посетата на Петков во Скопје минатата недела, кога беше договорено и формирање на работни груби од двете страни кои ќе треба да работат на надминување на недоразбирањата и зајакнување на соработката помеѓу двете држави.