Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, и владина делегација се сретнаа и со претседателот на Собранието на Република Бугарија, Никола Минчев.

На средбата премиерот Ковачевски го поздрави одбележувањето на 30-годишнината по донесувањето на одлуката на Република Бугарија прва да ја признае Република Македонија на 15 јануари 1992 година, со што беше почнат процесот на верификација на нашата држава на меѓународен план и на воспоставувањето дипломатски односи со повеќе држави.

Ковачевски истакна дека оваа годишнина, како и одбележувањето 15 години од приемот на Република Бугарија како полноправна членка во ЕУ, како симболични датуми ќе бидат преточени во еден нов датум, кој ќе биде препознаен по решавањето на отворените прашања меѓу двете соседни и пријателски земји, со што ќе се создадат услови за заедничка иднина во европското семејство.

На средбата беше истакната како исклучително значајна иницијативата на парламентите на Бугарија и Северна Македонија за потесна соработка и во дополнителни формати покрај оние што веќе постојат како стандардни пратенички групи за соработка меѓу пратениците на двете земји.