Фото: Влада

Премиерот Димитар Ковачевски денеска го прими претседателот на Република Латвија Егилс Левитс кој е во официјална посета на нашата земја.

Премиерот Ковачевски му посака топло добредојде на претседателот на Латвија Левитс и на средбата истакна дека неговата посета на државава е чекор повеќе за натамошно унапредување на нашите билатерални врски меѓу двете земји.

На средбата, на која присуствуваа и заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и министерката за одбрана Славјанка Петровска, беше нагласено дека од воспоставувањето на дипломатските односи пред 26 години, двете земји негуваат исклучително пријателски и блиски односи со силен фокус на динамизирање на политичкиот дијалог и на трговската размена.

Претседателот на Владата Ковачевски во разговорот со претседателот Левитс потенцираше дека Македонија високо го цени ставот на Латвија дека е од витално значење да се продолжи со процесот на евроинтеграција на Македонија со одржување на Меѓувладина конференција што е можно поскоро и дека прашањата со Бугарија треба да се решат по пат на дијалог и разбирање, надвор од пристапниот процес.

Претседателот на Република Латвија Егилс Левитс на средбата истакна дека членството на Западен Балкан во ЕУ е прашање на гео-политичка одржливост за самата ЕУ во време и во околностите предизвикани со руската инвазија на Украина.

Тема на средбата меѓу премиерот Ковачевски и претседателот на Латвија Левитс беше и војната во Украина за која беше истакнато дека е брутално кршење на меѓународното право и неиспровоцирана воена агресија на Русија врз една суверена држава и дека дипломатијата и дијалогот се неопходни за запирање на воените дејствија.