Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, покрај програмата за неговата официјална посета на Република Бугарија одржа уште неколку активности, меѓу кои и средбата со Бојко Борисов и раководството на партијата ГЕРБ.

Ковачевски на средбата нагласи дека македонската Влада е подготвена за видливи и мерливи резултати од реалниот интерес на граѓаните кои се фокусираат на враќање на довербата меѓу двата народи за да се реафирмираат пријателските односи и да се поттикне политичкиот дијалог за решавање на чувствителните прашања што се отворија меѓу двете земји.

За таа цел на денешната заедничка седница, рече премиерот Ковачевски на средбата со Борисов, се формирани работните групи за повеќе одделни области кои утврдија акциски планови за најважните приоритети, како на пример Коридорот 8.

Претседателот на Владата Ковачевски на средбата со претседателот на ГЕРБ Бојко Борисов истакна дека очекува оваа партија, иако сега во опозиција, да продолжи со политиките за поддршка на Македонија во нејзините аспирации за членство во ЕУ.

Претседателот на ГЕРБ Борисов од своја страна потенцираше дека треба да се искористи покренатиот процес за надминување на разликите за да се врати довербата како придонес кон европските интеграции на Македонија.