Фото: Влада

Балканските спортски училишни игри се пример за нашата силна регионална поврзаност и обединетост, истакна премиерот Димитар Ковачевски денеска на официјалното завршување на Отворените училишни балкански игри во Охрид.
На затворањето на игрите кои се одржуваа во изминатите четири дена беа доделени благодарници на седумте земји учесници од Балканот со околу 450 ученици.
Премиерот Ковачевски на учесниците им посака да се почитуваат меѓусебно и да си помагаат, како што премиерите и претседателите од Балканските земји меѓусебно си помагаа и не дозволија во зимски денови на криза да останеме без храна и енергенси.

-Минатата недела се одржа Самитот на Отворен Балкан каде заедно со моите колеги од земјите на Западен Балкан разговаравме и договаравме конкретна соработка и отворање нови можности за регионална поврзаност во сите области. Овие Отворени балкански училишни спортски игри, каде што сме сите ние денес присутни, и на кои учествуваат околу 450 ученици-натпреварувачи од Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, говорат дека нашето поврзување е реално – истакна премиерот Ковачевски.

Владата, како што посочи тој, е целосно посветена на креирањето програми за зголемување на опфатот на младите и на граѓаните во спортско-рекреативни активности.
Инвестираме, додаде премиерот Ковачевски, и во обезбедувањето на модерна и безбедна спортска инфраструктура и ги поддржуваме спортските клубови и професионалните спортисти и спортистки.

-Балканот како едно, игра ракомет, кошарка 3 на 3, футсал, одбојка на песок, пинг-понг, атлетика и шах, а училишните сојузи од Балканот докажуваат дека спортот обединува. Спортската дипломатија регионално нѐ поврзува и нѝ обезбедува зајакнување на добрите односи помеѓу земјите, отвора можности за афирмација, соработка, обединување и размена на искуства. На учениците-натпреварувачи и натпреварувачки им посакувам индивидуални спортски успеси и понатаму, но и да им траат пријателствата и дружбите – рече премиерот Ковачевски.