Фото: Маја Јаневска-Илиева/Архива

Пратениците од власта и опозицијата во попладневниот дел од денешната собраниска седница продолжија да ги спротивставуваат ставовите околу ребалансот на Буџетот, но изнесоа и низа обвинувања едни кон други.

СДСМ повтори дека ребалансот е насочен кон справување со економската криза, дека ќе овозможи продолжување на сите мерки за поддршка, посебно за најранливите категории граѓани, како и дека предвидува кратење на непродуктивните трошења, во што ВМРО-ДПМНЕ не препозна „здрава дебата“, како што рече еден од нејзините пратеници, туку повторување на експозето на министерот за финансии.

-Ребалансот докажува дека оваа Влада носи мерки и политики за заштита на граѓаните, соодветен е и навремен во однос на глобалните текови и случувања и со него се предвидени средства за заздравување на економијата. Со него се намалуваат и сите непродуктивни трошења што покажува дека Владата ги лоцира сите средства во човечкиот капитал. Со ребалансот се предвидува и раст на бројот на вработени од 1,6 проценти што ќе резултира со намалена стапка на невработеност од 14,5 проценти – истакна Дарко Каевски од СДСМ кој ги повика пратениците да го изгласаат ребалансот и со тоа да им помогнат на граѓаните полесно да ги надминат последиците од кризата.

На тоа реплицираше Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, барајќи одговор на прашањата колкава е инфлацијата во моментов, колкав е јавниот долг, колку ќе поскапи струјата и за колку е поскапена откако е СДСМ на власт, дали цените на храната се пораснати, дали платите ја губат борбата со инфлацијата, колкав е процентот на реализација на капиталните инвестиции и колку изнесува синдикалната кошничка.

-Ова е буџет што потврдува дека во државата владее економско фијаско и распад-систем, дека повторно ниту една шајка нема да биде закована, дека нема да има повисоки плати и пензии. Двете најголеми унии на синдикати се на штрајкови, а против вашата економска политика се и сите комори, организации на работодавачи и синдикати. За 12 месеци во Собранието носиме четири документи со предзнак буџет или ребаланс и на есен е најавен нов ребаланс – рече Стојановски.

Се јави Каевски за контра реплика, подвлекувајќи дека Владата со конкретни мерки покажа колку се грижи за граѓаните.

-Лага е дека не е намален јавниот долг, намален е за 3,7 проценти. Во однос на платите, оваа Влада покажа дека директно се грижи за нивно зголемување. Во време на ВМРО-ДПМНЕ кошничката беше 32 000 денари со минимална плата од 9 000 денари и просечна 22 000 денари, а сега минималната плата е 18 000 денари, а просечната 31 000. Се согласувам дека треба да биде и повеќе, но мора да имаме предвид дека се соочуваме со голем број кризи – напомена Каевски.

Аднан Незири од Алијанса за Албанците оцени дека со ребалансот не се намалуваат непродуктивните расходи, но имаше и забелешка на порастот на приходите зашто, како што укажа, во ваква криза тоа не се препорачува.

-Приходите главно се плаќаат од даноци кои се средства на граѓаните. Во време на инфлација и поскапувања тоа е планирање што ги заморува граѓаните и не им остава можност да имаат слободни средства. Според Владата, ребалансот е рационален и ги намалува непродуктивните расходи, но податоците велат дека порастот од 5,9 отсто не е параметар што укажува сериозност и директно наметнува раст на дефицитот – долг што се зема од надвор и треба да се врати што повторно на крајот ќе биде на грбот на граѓаните – рече Незири.

Според него, инфлацијата нема да биде согласно владините предвидувања, туку многу поголема и двоцифрена, додека капиталните инвестиции не се реализираат зашто нема професионалци во областа.

– Има корупција или блискост со власта, нема професионалци кои би ги реализирале проектите како автопатите Скопје – Блаце и Кичево – Охрид. Нема сигурност се додека полицијата, обвинителството и судството не можат да создадат амбиент за инвестиции, клима за инвестирање, а не се намалува и бројот на вработените во јавната администрација – дополни пратеникот.

Незири обвини и дека не се почитува опозицијата што се гледа, рече, во неприфаќањето на нејзините амандмани.

На тоа реплицираше Жаклина Лазаревска од СДСМ.

– Во ребалансот усвоиме амандмани и од опозицијата, не е точно дека не ја испочитувавме. Дополнителни 25 милиони денари се распределија, зависно од барањата во амандманите, за здравство, животна средина, инфраструктура – му рече Лазаревска на Незири.

Таа се осврна и на она што стои во ребалансот, а Незири од говорницата не го кажал.

-Не истакнавте дека во време на глобална криза се грижиме за подобар стандард и живот на граѓаните, дека со ребалансот има 4,7 милијарди денари повеќе за нови таргетирани мерки за финансиска помош за оние на кои им е најпотребна, дека има 1,9 милијарди денари за нови вработувања што е зголемување за 3,5 пати во однос на 2016 година, 23 милијарди за општините и рационално користење на буџетските средства и штедење – се намалуваат средствата за ситен инвентар за 171 милион денари и за купување нови возила за 107 милиони денари. Потврда дека се грижиме за граѓаните е и континуираното зголемување на нето платата која за четири месеци од годинава порасна за 10 проценти што целосно го покрива порастот на инфлацијата во овој период. Над 90 000 вработени во јавниот сектор добија или ќе добијат од септември повисоки плати, а обезбедивме и 68 милијарди денари за пензии што е зголемување за 33 отсто во однос на 2017 година – рече пратеничката од СДСМ.

За збор се јави и Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, според кој четири месеци Владата најавува дека ќе има аранжман и договор со ММФ, но тоа се уште не се случило.

Во текот на дискусијата дел од пратениците се осврнаа и на социјалната сфера, како и на образованието.

Општата расправа за ребалансот на Буџетот ќе продолжи утре во 11 часот.