Фото: Игор Бансколиев

Куриозитет во предложените измени на Законот за надворешни работи, во делот за испраќање претставник во ОБСЕ

Посебна необичност и реткост се појави како онаа во предложените измени на Законот за надворешни работи, во делот за испраќање дипломати во конзуларните претставништва. Тој куриозитет конкретно се однесува на изборот на „дипломатот кој ќе биде во дипломатското претставништво надлежно за спроведување на претседавање со меѓународна организација, пожелно е во идеолошка смисла срцето да му припаѓа во соодветната меѓународна организација“… На кој начин интересно-невообичаената формулација за кандидатот, „срцето да му припаѓа…“, е коментирана од нашите соговорници, професори и аналитичари?

Група пратеници доставија измени на Законот за надворешни работи во делот на испраќање дипломати во конзуларните претставништва. Во предложените амандмани за измена на законскиот текст има една несекојдневна формулација, во која се споменува и срцето на идниот дипломат што треба да биде испратен надвор од Македонија. Предложените измени се однесуваат на членот 1 став 6 од амандманот, конкретно на изборот на „дипломатот кој ќе биде во дипломатското претставништво надлежно за спроведување на претседавање со меѓународна организација, пожелно е во идеолошка смисла срцето да му припаѓа во соодветната меѓународна организација“.

Предложениот амандман на групата пратеници, со овие предложени измени на Законот за надворешни работи, се однесува за поставувањето амбасадор во ОБСЕ. Ова за власта е важно бидејќи Македонија во 2023 година ќе претседава со оваа организација. МНР сака да се осигури дека дипломатот што ќе биде испратен нема да биде повлечен со промената на власта бидејќи со „срцето“ ќе биде во конкретната меѓународна организација.

Политиколозите со кои контактиравме вчера ни изјавија дека вака формулираниот амандман за тоа дипломатот да поседува срце за институцијата во која ќе ја претставува нашата држава, е во најмала рака – чуден, несвојствен, апсурден, контрадикторен… Имено, сите дипломати и политичари положуваат заклетва дека ќе ги бранат интересите на сопствената држава, што значи дека срцето и умот треба да им бидат за својата сопствена татковина Македонија, а не за интересите на други организации или земји во кои заминуваат на дипломатска задача. За апсурдноста на овој предлог, тие го споменуваат и хипотетичкиот пример, за испраќање наш амбасадор во Бугарија, чие „срце“ му е во Софија, а треба да ги брани интересите на Македонија!?

– Прво што ми доаѓа за коментар, кој е тој што ќе проценува што има некој кандидат за дипломат во срцето. Може едно да има во срцето, а друго да кажува или да мисли. Кој е тој што ќе процени со колкава „љубов“ се испраќа некој наш претставник во меѓународни институции. Еве, јас познавам колеги што многу сакаат да бидат во служба на ОБСЕ, но поради високите плати и додатоци што ги добиваат по основа за престојување во ризични подрачја. Очигледно, ставањето на овој критериум за избор на идни дипломати има некоја друга заднина – ни изјави професорот Оливер Андонов.
Тој смета дека со ова се покажува дека сѐ уште не може да се спроведе принципот на напредување (и вработување) во јавната администрација според системот на квалификации, знаење и заслуги (мерит-систем).

– За да имаме нормална држава, потребно е да се почитуваат и професионалните критериуми за избор на дипломатските претставници на Македонија. Наместо да се гледа кој колку ја сака некоја институција во светот, идниот дипломат треба да поседува и добри познавања од областа што ја покрива. Конкретно, нашиот претставник во ОБСЕ треба да биде некој што се докажал во надминување на некои проблеми од безбедносен карактер или најмалку да поседува високи познавања од безбедносната проблематика. Критериумот што сега се предлага е надвор од секој правилник за испраќање дипломатски претставник и ќе доведе до апсурдни ситуации.

Тогаш, може да се случи и граѓани со двојни државјанства да се испраќаат за амбасадори во Тирана, Белград или во Софија. Тогаш, каде е тука државниот интерес што треба да биде застапуван од секој амбасадор на нашата земја, на крајот и да ги заштитува и интересите на нашите граѓани – вели Андонов.

Најновиот предлог од групата пратеници, за политикологот Синиша Пекевски, не е никакво изненадува, ако гледаме како досега се испраќале наши дипломатски претставници воопшто.

– Според избор на партиски, а не на професионални кадри, досега се покажало дека немаме изработено став или методологија за изборот на дипломатски претставници.

Тоа се гледа од тоа кој нѐ претставува како амбасадори, конзули и во други меѓународни институции. Ова покажува за нашиот несериозен пристап кон градењето професионална дипломатија и успешна надворешна политика. Досега сме се однесувале само по принципот да го „нишаме бродот“, без да имаме резултати во надворешната дипломатија Погледнете ги биографиите на некои од дипломатските претставници, ќе видите дека немаат никакво искуство во оваа област, а има и кадри што целосно залутале во дипломатијата. Кога се нема познавање од водењето на надворешната политика, не може да очекуваме и резултати во заштита на државните интереси, конкретно низ преговорите со Грција и со Бугарија – вели Пекевски.

Во спорот за името на нашата држава, грчката страна беше претставувана од дипломати од највисок ранг и со долгогодишно искуство и на крајот видовме како се реши тоа. Истото се случува и сега со преговорите со Бугарија. Тоа покажува колку сме несериозни во презентирањето на нашите ставови надвор од земјата и пред другите држави и институции, додава политикологот Синиша Пекевски. М.Ј.