Фото: Приватна архива

Децата и летото се весела комбинација надополнета со топли, навидум безгрижни денови со високи температури, летувања, капење, долг престој надвор, но не треба да заборавиме дека болестите и вирусите не мируваат во ова годишно време, па можат да го уништат летниот одмор и да направат вистинска збрка.
Изгорениците од сонце, стомачни вируси, дијареии поради недостиг на хигиена или внесување на сомнителна храна се само дел од листата на најчести состојби со кои се соочуваат и децата и родителите.

Д-р Моника Јариќ-Бојковска, специјалист по семејна медицина, објаснува кои се најчестите грешки на родителите кога децата ќе се разболат во летниот период.

– Водејќи се од желба за што побрзо оздравување на своите деца, родителите сметаат дека и при најмал здравствен проблем на детето треба да му дадат лек, што е сосем погрешно. Често заболувањата кај децата се самоограничувачки и не бараат некоја специфична терапија, така што во овој период, доколу детето е болно најважно е да прима повеќе течности и свежа храна за да се спречи дехидратација поради високите температури – порачува д-р Јариќ, која потенцира дека доколку температурата трае повеќе од три-четири дена треба да се побара лекарска помош.

Според д-р Јариќ најчести заболувања во летниот период се стомачните вирусни инфекции, потоа уринарни и респираторни инфекции, како и алергиски и вирусни исипи, па оттука нејзините препораки се:

– Родителите особено внимание треба да посветат на личната хигиена и хигиена на храната, односно на задолжително миење на раце пред секој оброк, правилно чување и миење на продуктите пред употреба, а готвената храна да е добро термички припремена. Исто така, децата треба да избегнуваат грицки и газирани сокови, затоа што делуваат разорно на слузокожата на желудникот, забите побрзо им се расипуваат, им даваат чувство на ситост со што ги прескокнуваат главните оброци, а постои ризик од зголемување на телесната тежина – препорача д-р Јариќ.

Таа предупреди на тоа дека доколку детето е болно и користи антибиотици не смее да се изложува на сонце.

– При користење на некои антибиотици, по изложување на сонце, на кожата може да се појави осип сличен на изгореници од сонце. Чувството на кожата е непријатно, се чувствува пецкање и бодење а оваа појава се нарекува фототоксична реакција. Во ретки случаеви е можна фотоалергиска реакција, што значи дека покрај споменатите симптоми се појавува и оток и чешање, така што кожата може да добие со темна боја, односно хиперпигментирана – додаде д-р Јариќ.

Бидете надвор

За што помирно лето, со што помалку вируси и болети лекарите препорачуваат избегнување на затворени простории со многу луѓе (трговски центри, детски игралишта, посета на болни), миење на рацете повеќе пати на ден со сапун и вода, а при кивање и кашлање покривање на устата. Треба да се има балансирана исхрана (богата со сезонско овошје), се препорачува движење се на свеж воздух и доволно спиење. Доколку децата имаа чести респираторни инфекции, родителите треба да се посоветуваат со педијатар за препорака на дополнителни мерки за јакнење на имунитетот.

Кога треба задолжително да се посети педијатар?

– Ако покачената телесна температура трае повеќе од три-четири дена.
– Доколку детето е бледо, пепеласто сиво или помодрено и има ослабени реакции.
– Кога има знаци на зголемена работа на респираторниот систем (дише со носните крила, при вдишување му се вовлекува јамичката под вратот, дише со стомакот) или дише брзо (за возраст од 6-12 месеци повеќе од 50 пати во минута, а над 1 година повеќе од 40 вдишувања во минута)
– Ако детето е кенкаво и одбива храна и течности, поретко мокри, има суви слузници, отечени зглобови или екстремитети, има осип на кожата кој под притисок не побледува.
За новороденчиња и доенчињата на возраст до 6 месеци кои сеуште немаат развиен имунолошки систем, потребно да се посети педијатар и кога температурата е 39 °C само еден ден или имаат еден од горенаведенити симптоми.