Фото: Пиксабеј

Децата имаат право да знаат што се случува, но вестите што тие ги слушаат или гледаат мора да бидат приспособени и објаснети на начин соодветен за нивната возраст

Сега војната во Украина, претходно пандемијата, војната во Сирија, постојаните општествени предизвици не задржуваат пред екраните. Многумина и не забележуваат дека вестите во текот на денот ги проследуваат заедно со децата, а во нив може да има крв, оружје, плач, лелеци, страв… Децата ги следат загрижените реакции на возрасните. Тие имаат право да знаат што се случува, но вестите што тие ги слушаат или гледаат мора да бидат приспособени и објаснети на начин соодветен за нивната возраст, вели м-р Андријана Паскоска, психолог.

– Повеќе од две години епидемијата и справувањето со нејзините последици пред родителите, наставниците и професорите, или пред сите возрасни, поставува тешка задача, да го зачуваме менталното здравје на децата и младите во оваа тешка ситуација. Оваа војна е поблизу до нас, повеќе се информира за неа, децата треба да ги избегнуваат вестите и извештаите кои не се прилагодени за нив – вели Паскоска.

Таа ги советува родителите да разговараат со децата за тоа што ги интересира, што виделе и како се чуствуваат.

– Може да го прашате: „Што слушна?“, „Што виде?“, „Како се чуствуваш?“. Треба да имаме разбирање дури и ако не ги интересираат вестите. Но децата треба да бидат информирани дека може со вас да разговараат за тоа што се случува – објаснува Паскоска.

Децата може да почуствуваат страв, збунетост и загриженост, или дури и гнев поради сето она што се случува и го слушаат и гледаат, особено ако сето тоа потсетува на насилство или траума што ја доживеале.

– Може да имаат ненадејни промени на расположението, да покажат агресија или повлекување. Сето тоа може да биде знак дека имаат потешкотии во обработката на информациите што ги добиле или виделе. Затоа на децата и на младите треба да им се испрати недвосмислена порака дека е сосема нормално да се чуствувате тажни, исплашени или лути. Дајте им до знаење  дека сте таму за да ги поддржите и да им помогнете.  Разговарајте за вестите и изворите на информации. Децата на вестите им пристапуваат на поинаков начин од ворасните. Колку помалку ги инересира толку помалку следат, но кога го прават, тие најчесто гледаат кратки клипови на социјалните мрежи. Неретко нивните автори се непознати и не даваат одговори на сите прашања за детето да го разбере контекстот – вели Паскоска.

Таа советува дека сите треба да сме особено свесни за компјутерските измами кои ја зголемуваат изложеноста на популарни матријали.

– Станува збор за материјали кои можат ги провоцираат децата и мадите на одредени содржини дури иако не се заинтересирани за темата. Затоа неопходно е да се разговара со нив, за тоа што виделе каков е контекстот, кои факти се презентирани кој е изворот од наведениот матријал, дали авторот на матријалот е познат, дали тоа е веродостојна содржина и какви коментари се прикачени на тој материјал. Исто така треба да се фокусираме и на намалување на штетата што може да ја имаат дезинформациите и насилните слики врз децата – додава Паскоска.

Првата задaча на возрасните, вели таа, е да направат децата и млади луѓе да се чуствуваат безбедно и сакано. Н.Б.З.