Фото: Игор Бансколиев / Архива

Реконструкцијата ќе заврши до крајот на месецов

Реновирањето на Ургентниот центар во Универзитетскиот клинички комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје и најавите за реновирање на неколку клиники го изместија текот за прием на пациенти. Притисокот падна врз Градската општа болница „8-ми септември“ и Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“. Приемот на итни пациенти е двојно зголемен, ковид-пандемијата ги подготвила на вакви состојби, но голем дел на персоналот е веќе прегорен.

Засега овие две институции, како што велат директорите, успеваат да одговорат на предизвикот.

Д-р Арсенков: Речиси половина од пациентите се од внатрешноста

Д-р Љубен Арсенков, директор на „Свети Наум Охридски“ во Скопје вели дека поради реновирање на Ургентниот центар на Клиника енормно е зголемен и бројот на ургентни прегледи и операции во болницата.

Фото: Приватна архива

– Дневно имаме од 200 до 250 прегледи во Ургентната амбуланта. Во мај се прегледани повеќе од 6.100 ургентни пациенти. Оперирани се 358 итни пациенти, од кои речиси 40 отсто се граѓани кои живеат во внатрешноста на државата. Во одредени денови имаме зголемен притисок, но не враќаме пациенти на кои можеме да им дадеме помош – објаснува д-р Арсенков.

Според него, најавите се дека некаде до средина на месецот Клинички ќе биде во функција.

– Мораме да издржиме дотогаш, иако веќе медицинксиот персонал е доведен до прегорување – заклучува тој.

Д-р Костов: Го зајакнавме медицинскиот персонал

Д-р Христијан Костов, директорот на Градската општа болница „8 Септември“ вели дека дневно во Ургентниот центар прават и по 200 итни прегледи. Тоа, според Костов е речиси двојно повеќе од претходно кога и клиниките од Клинички центар биле целосно во функција.

Фото: Фејсбук

– Товарот е паднат кај нас, зашто имаме пациенти од цела држава. Претходно во просек дневно прегледувавме по 120 пациенти. На Клиника пациентите одат до 16 часот, но потоа сите итни случаи се прават тука. Најчесто тоа се ургентни ортопедски предлеги или интернистички прегледи. Затоа попладне и навечер го зајакнавме медицинскиот персонал, за да не се создаваат гужви, а и имаме и по еден дежурен повеќе на смена за да можат сите пациенти навремено да се прегледаат – објаснува д-р Костов.

Сепак, вели дека проблемот ќе се зголеми поради годишните одмори кои следуваат.

– Персоналот сака да одмори, тоа и законски му следува. Засега ја држиме под контрола состојбата, имаме и најава за вработување на 20 медицински сестри, со што ќе се зајакне средниот медицински персонал. Сите пет операциони сали работат, плус салата за итните операции, но ни фали уште еден онколог – заклучува директорот.

Во „8-ми септември“ во моментов нема ковид-пациенти, со што последниот пациент е испишан пред околу три недели, како што посочи Костов во неодамнешниот разговор.

МЗ: Реконструкцијата ќе заврши до крајот на месецов

Од Министерството за здравство велат дека реновирањето на Клиниката за Токсикологија, која работи како ургентна за пациентите со интернистички проблеми почнало на 30 мај.

– Предвидено е клиниките од интерна дејност да обезбедат континуирана здравствена заштита, вклучувајќи ја и оваа област. Потенцираме дека клиниките се должни да пружаат здравствена заштита 24 часа непрекинато, што подразбира и згрижување на итните пациенти од нивната соодветна патологија. Додека трае реновирањето на Токсикологија, итните пациенти ќе се згрижуваат на соодветната клиника согласно нивната потреба – велат оттаму.

Од ресорното министерство посочија дека изминатиот месец започна реконструкција и во Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) која продолжува да обезбедува услуги за пациентите, но со намален капацитет. Така пациентите со таа симтоматологија се третираат и во „8 Септември“.

– Од ТОАРИЛУЦ информираат дека реконструкцијата се планира да заврши до крајот на месецов. Додека трае реновирањето на овие две установи, заеднички и со активна соработка помеѓу институциите очекуваме да се премости овој период во интерес на континуираната и непречена грижа за пациентите, како и меѓусебна поддршка и разбирање кај здравствениот персонал по примерот на УК за кардиологија – соопштија од здравство.