Родителите се во недоумица дали нивните деца утре ќе бидат примени на училиште или во градинка со почнувањето на најавениот штрајк на членовите на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК). Многумина од нив на социјалните мрежи се прашуваат дали треба да ги земат децата на работа или дополнително да се организираат за нивно чување, доколку утре нема настава.

Родителите немаат информации дали ќе има заменски наставници во училиштата, дали ќе се организира згрижување на децата и дали имаат право на избор да ги однесат децата на училиште.

„Ќе треба ли да го земам детето на работа со мене?“, „го поддржуваме штрајкот, но дали да се организираме за чување на децата?“, „дали ќе нѐ ослободат од работа за да останеме со децата ако нема настава?“, „наставничката не информираше дека не знае дали ќе има настава или само ќе ги згрижат децата“ – гласат дел од бројните прашања на загрижените родители на социјалните мрежи.

Се стекнува впечаток дека дополнителна неизвесност внесоа последните информации од СОНК и од Министерството за образование и наука (МОН) во текот на денешниот ден во врска со штрајкот.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков нагласи дека синдикатот нема да ги затвори училиштата и градинките, но и оти никој нема право да ги присилува вработените да прифаќаат деца за време на штрајк. Одговорност за прифаќање на децата кои евентуално ќе дојдат во училиштата или ќе бидат донесени во градинките, според Неделков, ќе имаат директорите на образовните установи.

СОНК: Владата да го одврзе ќесето, не може да се присили згрижувањето на децата за време на штрајк

– Никој нема право да ги присилува штрајкувачите да прифаќаат, да згрижуваат и да воспитуваат деца. Покрај тоа, времено ќе бидат одложени и евентуалните наставнички совети, родителски средби, полагање на стручни испити, домашни, регионални, градски и државни натпревари на ученици и се што е поврзано со воспитание и згрижување на деца. Немаме никаква одговорност ако децата дојдат на училиште или во градинка врз основа на згрижување, воспитание, образование и храна. Ние ќе бидеме во посебни простории. За таа намена можат да се употребат вработени кои евентуално нема да штрајкуваат по разни основи – појасни Неделков. Министерството за образование и наука, пак, преку соопштение денеска порача оти мора да се организира настава и за време на штрајк.

Токму затоа, родителите сметаат оти нема јасна препорака како да постапат при почнувањето на штрајкот.

МОН: Mора да се организира настава и за време на штрајк

Од СОНК порачаа дека штрајкот ќе трае додека не се најде соодветно решение, при што остануваат доследни на барањата за зголемување на платите во образовниот сектор за 18,4 отсто.