Фото: Архива

Кога би се вратиле сто години наназад, во новогодишната ноќ 1921 година во Скопје, и би застанале на Камени мост, токму на полноќ би слушнале посмртен марш. Еден поетски инспириран новинар вака го опишува тоа: „Точно на полноќ се изгасија ламбите и беше отсвирен посмртниот марш, а потоа, со танц, со брза игра на танчари и танчарки, беше објавено доаѓањето на Новата година…“ Според „празничниот“ број на скопскиот неделник „Привредни гласник“, орган на Скопската трговска младина, објавен на 13 јануари 1921 година, пречекот на Нова година не е тема за насловна страница. Напротив, објавена е само една, сосема кратка информација, односно потсетување на веќе најавена трговска вечер во чест на Нова година: „Подготовките околу организирањето на забавата, за која порано веќе информиравме, сега привршуваат. Вечерва во ресторанот ’Зрински’, голем број овдешни трговци ќе се соберат во пресрет на Нова година и ќе поминат пријатна другарска вечер, чија главна цел е меѓусебно запознавање и зближување на трговците“.

Ете, тоа е единствената информација во врска со пречекот на 1922 година во Скопје. Притоа не се спомнува цената на „аранжманот“ во „Зрински“, но, на истата страница, неделникот, кој се продавал за половина тогашен динар, доволно само за четврт килограм брашно, објавува „празнична“ табела со цените на скопските пазари, па лесно може да се види колку би можела да чини една прослава на Нова година во домашен амбиент. Според „пазарниот барометар“, брашното се продавало за два динари килограм, гравот за пет, кашкавалот за 40 динари, јагнешкото месо за осум динари килограм, свинското и говедското чинеле по 12 динари, сланината се продавала по 15 динари за килограм, а сирењето по 16 динари за килограм, кочанскиот ориз се продавал за 7,5 динари, маслото за јадење за 22 динари за литар, килограм кафе можело да се купи за 22 динари, шеќерот се продавал за 15,5 динари, а оние што сакале шеќер во коцки морале да додадат уште три динари плус. Виното се продавало за осум динари по литар, а ракијата двојно поскапо – 16 динари за литар.

Интересно е и тоа што на пазарот можело да се купи и опиум, чија цена за килограм била 190 динари, но не е за верување дека некој сметал на нешто такво на „празничната трпеза“. Во бројот од 20 јануари 1921 година, неделникот „Привредни гласник“ објавува информација и за тоа како поминала најавената новогодишна забава на скопските трговци: „Скопската трговска младина имаше среќна идеја во пресрет на Новата 1922-ра година да организира другарска вечер, која, над очекувањата, излезе најдобро што можеше да биде. Уште во 8.30 часот вечерта почна да се собира елитата на нашето трговско друштво. Дамите, елегантно облечени, љубезно беа пречекувани од страна на организаторите, радосни што им се даде прилика во друштво на своите познаници и пријатели да ја испратат Старата и да ја дочекаат Новата година. На заедничката вечера присуствува голем број трговци со своите семејства. Пред крајот на вечерата, господин Спира Милошевиќ, претседател на Скопската трговска младина, ги поздрави гостите со следниот говор…“, и се цитира целиот говор на претседателот. Во говорот, тој, меѓудругото, нагласува дека се собрале во „сјаен број за испраќање на Старата и пречек на Новата година“, но и дека ја искористиле можноста „да се видиме, да се запознаеме, зошто само она што се познава, само тоа и се сака, како што вели една мудра поговорка“. Во продолжение на говорот додава дека „ние, во Скопје, сме на раскрсницата на стариот и новиот живот“, а за новото што доаѓа, токму трговците, како што вели, треба да играат една од важните улоги: „Трговијата, господа и браќа, е најмногу неутрална, затоа таа е најпогоден терен преку неа да се изврши историска преобразба од минатото кон иднината… Ја пијам оваа чаша за пријателство и другарство меѓу трговците“, завршил претседателот на Скопската трговска младина, а гостите бурно го поздравиле.

Половина час пред полноќ, Бора Миловановиќ, адвокат, со убава импровизација, како што вели новинарот, ја испратил старата година, набројувајќи што ѝ донела на младината. Посебно внимание посветил на „Привредни гласник“, органот на младите скопски трговци: „Точно на полноќ – пишува во извештајот објавен седум дена по дочекот на 1922 година – се угасија ламбите, и беше отсвирен посмртниот марш, а потоа, со танц, со брза игра на танчари и танчарки, беше објавено доаѓањето на Новата година. Другарската вечер траеше сѐ до утрото.“

Блаже Миневски