Секојдневно трпела психичко насилство, проследено со постојана контрола, љубомора и обвинувања за неверство од нејзиниот сопруг, со кој има две ќерки на возраст од седум и девет години. По пријавата, веднаш била вклучена во советодавен процес, а психичкото насилство продолжило и со физичко насилство

Треба ли нешто јас да сменам за насилството да престане? Јас ли сум виновна, јас го предизвикав?! Се плашам дека децата мене ќе ме обвинуваат бидејќи сакам да го пријавам, зошто се случува ова? Што потоа, каде ќе одам? Можам ли сама?… Ова се само дел од прашањата на жртвите на семејно базирано насилство, кои во нашата средина најчесто се жени, а во пандемијата се побројни. Си ги поставувала и 43-годишната Т.К., која по 15 години брак решила да излезе од лавиринтот на насилството. Случајот го пријавила во Првиот семеен центар за советување на жени и деца жртви на семејно насилство на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и успеала да се ослободи од животот со насилство.

Т.К. секојдневно трпела психичко насилство, проследено со постојана контрола, љубомора и обвинувања за неверство од нејзиниот сопруг, со кој има две ќерки на возраст од седум и девет години. По пријавата, веднаш била вклучена во советодавен процес, а психичкото насилство продолжило и со физичко насилство. Меѓутоа поради тоа што немала видливи траги на насилство по телото, ударите биле нанесувани на места каде што медицинските лица не можеле да ги увидат, по прегледите не добила медицинска документација за тие повреди. Кога била доволно психолошки силна, Првиот семеен центар ѝ понудил бесплатна правна помош и застапување на суд, за да започне бракоразводна постапка и да го промени секојдневието.

„Обој го светот портокалово: Крај на насилството врз жените СЕГА!” беше тема на 16-дневната кампања за активизам против насилство врз жени и девојчиња за спречување и заштита од родово базирано насилство во земјава која заврши минатата недела. Кампањата официјално започнува на 25 ноември и завршува на 10 декември при што 25 ноември се одбележува како „Меѓународен ден за борба против насилство врз жените“.
Координатор на кампањата беше „UN Women“, а ХЕРА, која раководи со Првиот семеен центар, беше само една од граѓанските организации кои се вклучија со свои активности поврзани со родово заснованото и семејното насилство. Така, ХЕРА заедно со „Реактор“ ја организираа конференцијата „Грижи се машки”, а самостојно ХЕРА одржа настан за Промоција на извештајот за мониторинг на Истанбулската конвенција.

Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од насилството врз жените и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција, е првиот правно обврзувачки договор во Европа што ги криминализира различните форми на насилство врз жените и девојките, притоа нагласувајќи и признавајќи дека насилството врз жените претставува повреда на човековите права, како и форма на дискриминација на жените, и причина и последица за структурната нееднаквост помеѓу жените и мажите. Конвенцијата е транспонирана во новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство усвоен во јануари 2021 година. Овој закон овозможува соодветни механизми за да се обезбеди координација и соработка меѓу сите државни и недржавни инволвирани страни, како што се релевантните организации за справување со сите форми на насилството врз жените и девојките и семејното насилство опфатени во рамки на Конвенцијата.
– Пандемијата на коронавирусот придонесе родовата нерамноправност и системската исклученост на ранливите групи на граѓани да станат повидливи и зголемени. Полициските часови и карантини им го ограничија на жртвите пристапот до потребните ресурси, системската поддршка беше отежната, па се изнаоѓаа начини на достапност на услугите и поддршките кои ги добиваат жртвите на семејно насилство. Меѓутоа имавме и примери каде што во текот на пандемијата многу жртви се охрабрија да го пријават насилството и да излезат од насилната средина – вели Андреа Велинова, координатор и психолог во Прв семеен центар од ХЕРА.

Храброста за соочување со проблемот, семејното насилство, може и тоа како да помогне во борбата и спречувањето. Со помош и посредство на ХЕРА разводот на Т.К е завршен, старателството над децата ѝ е доделено на мајката. Т.К заедно со двете деца заминала да живее под кирија, а во соработка и помош од други организации добила помош за плаќање на сметките за струја, а ѝ била обезбедена и еднократна парична помош за понатамошно покривање на режиските трошоци и киријата. Таа и денес работи со советувачите на ХЕРА за надминување на траумата и унапредување на родителските вештини.

Прв чекор што жртвата може да го направи за да се заштити и да го прекине насилството е да се обрати на некоја од СОС линиите за жртви на семејно насилство (02/15-315, 02/15-700, 070/141-700, 075/141-700, 077/141-700), да се упати во најблиската полициска станица или да се јави на 192, во здравствена установа, како и да се упати во најблискиот Центар за социјална работа за да се информира за своите права и за мерките за заштита пропишани со закон. Мерките за помош кои може да ги добие вклучуваат помош при сместување, соодветна здравствена заштита, психосоцијална помош, правна помош и застапување, покренување постапка пред надлежен суд, поднесување на барање до суд за изрекување на привремени мерки за заштита и други мерки неопходни за решавање на проблемот – појаснуваат од ХЕРА.

Во нивниот центар жртвите на семејно насилство можат да добијат советување и поддршка, за жртвата да излезе од кругот на насилството, придружување и упатување на жените жртви до други државни институции заради остварување на социјалните и семејните права, психосоцијална работа со деца и малолетници жртви или сведоци на насилство, правна помош и заштита од насилство, советување со сторители на насилство за да се прекине насилството во врската или семејството. Притоа, додаваат дека советувањата можат да бидат индивидуални, групни или семејни советувања, и може да се одвиваат и онлајн. Сите услуги се бесплатни, доверливи и достапни за жителите од сите градови од земјата.