Лукреција Маљковиќ-Атанасовска/Фото: Приватна архива

Видување на Лукреција Маљковиќ-Атанасовска за пречекот на министерката за одбрана во Лондон

Изведбата на народната песна „Јовано, Јованке“ од страна на британскиот воен оркестар при вчерашниот пречек на министерката за одбрана Славјанка Петровска за време на нејзината официјална посета на Обединетото Кралство го привлече вниманието на јавноста, отворајќи го прашањето дали е испочитуван предвидениот протокол за церемонии. На видеоснимката од пречекот објавена од министерството за одбрана се слуша „Јовано, Јованке“, без да се знае дали претходно била интонирана и македонската химна, како што е вообичаената практика. Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, директорка на Академијата за протокол на Македонија и меѓународна консултантка по деловна етикеција и дипломатски протокол, за „Нова Македонија“ даде видување за пречекот на Петровска во Лондон, појаснувајќи го стандардниот протокол.

– Песната не е замена за химната. На снимката не се забележува дали воопшто е отсвирена македонската химна пред „Јовано, Јованке“. Според протоколот, се интонираат двете химни, прво гостинската, па домашната, при што присутните стојат мирно на подиумот. Потоа гостинот се симнува за да изврши смотра на водот кога вообичаено се свират поздравни маршови. Пречек со воени почести според протоколот добиваат пет функции – претседателот и премиерот на државата, претседателот на собрание, како и министрите за надворешни работи и за одбрана – објаснува Маљковиќ-Атанасовска, напоменувајќи дека не е запознаена со спецификите на протоколот за пречек на британското министерство за одбрана, со оглед дека британскиот министер за одбрана Бен Валас не е на подиумот покрај Петровска, како што се забележува на видеоснимката.

Според Маљковиќ-Атанасовска при пречекот е искажана почит кон министерката Петровска.

– Кај нас се крена голема врева во врска со пречекот на Петровска. Но, при пречекот изгледаше дека е искажана почит кон гостинката, дури еден од гардистите ја поздрави и на македонски јазик. Јовано, Јованке” ја свират додека министерката прави смотра на водот, а не додека е на подиумот, што значи дека песната не е замена за химната – нагласи Маљковиќ-Атанасовска.

На фејсбук-страницата на македонската Академија за протокол беше објавен дел од британскиот церемонијал при официјални посети, како појаснување за пречекот на Петровска.

– По интонирањето на националните химни, прво на гостинот а потоа и британската (иако во најголем дел од случаите се интонира само првата), командирот на почесната гарда, обично офицер од понизок ранг, секогаш го поздравува гостинот на неговиот мајчин јазик, со поздрав кој отприлика гласи екселенцијо, почесната гарда на…(следи името на воената единица) е построена и подготвена за смотра од ваша страна. За време на смотрата на шпалирот се свири бавен марш. Значи, песната „Јовано, Јованке“ ја свират за време на смотрата на шпалирот, а не како замена за химната. Оттаму, сметам дека ни е укажана чест да се свири македонска народна песна наместо воен марш. Останува значи да видиме дали е интонирана и химната, (што не се гледа на снимката), но според правилото погоре, веројатно е интонирана само нашата бидејќи министерот Валас не е качен на бината, туку стои покрај неа – се наведува во објаснувањето за британскиот церемонијал кое го објави Маљковиќ-Атанасовска.

Според британскиот протокол, државната химна се интонира само при посета од страна на шефови на држави, како што информираа од Министерството за одбрана за „Нова Македонија“.

Петровска во Лондон се сретна со британскиот министер за одбрана Бен Валас, како и со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, сер Стјуарт Пич, а учествуваше и на тркалезна маса посветена на современите безбедносни предизвици и нивното влијание врз Западниот Балкан, организирана од кралскиот институт РУСИ. Министерката се сретна и со Алисија Херберт, специјална пратеничка на министерката за надворешни работи и министерка за жени и еднаквост во британската влада, Лиз Трас, а во британскиот парламент имаше и работна вечера со Мартин Викерс, член на британскиот парламент и претседавач на сепартиската парламентарна група за Македонија.