Фото: Игор Бансколиев

Во речиси сите преземени предмети од поранешното Специјално обвинителство (СЈО) има определен напредок, велат од Јавното обвинителство на Македонија (ЈОРМ), пренесува МИА.

По интервјуто на амбасадорката на САД Кејт Мери Брнз за ТВ21, во кое таа побара што поскоро да се завршат овие предметите, од Обвинителството за Нова ТВ информираат дека динамиката со која се одвива секој предмет поединечно, зависи од времето неопходно да се приберат сите потребни докази и да се утврдат сите факти со цел да се донесе соодветна мериторна одлука. Сепак, како што наведува Јавното обвинителство, исклучително посветено се работи на тоа – сите овие предмети што поскоро да се завршат.

– Исто така, таа динамика, во дел од предметите не зависи во целост од Јавното обвинителство, имајќи предвид дека за дел од предметите во тек е судска постапка за која текот на рочиштата го одредува надлежниот суд, а во дел се наредени вештачења по кои постапуваат други институции. Во дел од предметите, пак, се упатени и барања за меѓународна правна помош, кои исто така изискуваат определен временски период. Во речиси сите преземени предмети има определен напредок, што е нотирано и во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава каде во делот за сумарните забелешки за правосудниот систем стои дека: „Предметите иницирани од поранешното СЈО продолжуваат да напредуваат, воспоставувајќи одговорност за незаконското прислушување – информираат од Јавно обвинителство.

Предметите од СЈО, според Обвинителството, веднаш по преземањето биле прераспоредени на надлежните јавни обвинителства во кои јавните обвинители продолжиле со преземањето на дејствијата.