Фото: Маја Јаневска-Илиева

Учениците ќе мора да го надоместат она што го пропуштиле, изјави за „Нова Македонија“ претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков.
Во основните и средните училишта и во градинките денеска продолжи штрајкот на вработените, кој почна вчера, организиран од СОНК, за зголемување на платите во дејностите образование и детска заштита.

– Сѐ уште немаме информации дали и кога ќе се надоместат часовите, но во координација со Министерството за образование и Бирото за развој ќе направиме скратена програма. Така барем ние планираме и така тоа сме го решавале и за време на минатите штрајкови – вели Неделков.

Околу тоа дали ќе се продолжи училишната година, или учениците ќе ги одработуваат часовите во саботите, сѐ уште очекуваме одговор од Министерството за образование.

Неделков очекува тој и останатите претставници на СОНК да бидат повикани на консултации во Владата.

– Во текот на денешниот ден, сите синдикални организации на СОНК се во Генерален штрајк, дополнително со зголемен број на колешки и колеги кои се приклучиле кон штрајкот. Посериозни проблеми или притисоци врз штрајкувачите не се регистрирани до овој момент, а доколку има такви дејствија и пристигнат изјави до нас, јавноста ќе биде благовремено информирана. Во текот на денешниот ден очекуваме покана за работна средба од страна на надлежните институции, а за времето на одржување на средбата и резултатите од неа, ќе бидете дополнително информирани. СОНК се надева дека ресорните министерства или Владата ќе излезат со конкретен и прифатлив предлог за зголемување на платите во гореспоменатите дејности, односно со предлог кој ќе биде прифатлив од мнозинството на членови на СОНК. Со тоа би се донело, во најкраток можен рок, одлука за прекин на штрајкот и продолжување на нормалниот тек на воспитно – образовниот процес – рече Неделков.

Просветарите на штрајк, децата дома!

Околу 25 илјади вработени во училиштата и градинките вчера се вклучиле во штрајкот.
Од Министерството за труд и социјална политика тврдат дека во текот на вчерашниот ден од вкупно 75 јавни установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, штрајкот на дел од вработените се одвива во 54, а во 21 јавна установа вработените воопшто не се приклучија кон штрајкот организиран од СОНК.

Б.Ст.