Еден поглед кон поновата историја на политиката на добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија

Пишува: Васко Костојчиноски

Најновите најави на Република Бугарија дека ќе го блокира добивањето датум за преговорите за влез на Р Македонија во ЕУ повторно, којзнае по кој пат, го отвораат прашањето има ли воопшто нешто ново во политиката на Бугарија кон Македонија. Ако се направи една кратка ретроспектива на минатото, заснована на некои декласифицирани документи од поново време, ќе се види дека односите меѓу двете земји се одвивале низ разни фази. Низ таа ретроспектива ќе се забележат и ставови што се актуелни и денес, некои слични, некои сосема различни.

Нужноста од развивање добрососедски односи со Бугарија, отсекогаш била во фокусот на интересите на СФРJ, при што секогаш во центарот на тие односи се наоѓало т.н. македонско прашање. По еден долг период на ескалација на големобугарскиот национализам и негирање на македонскиот национален идентитет, а особено на македонското малцинство во Пиринска Македонија и спроведениот попис на населението од 1.12.1975 год., Бугарија прави одредени корекции во својата политика. Во тој контекст треба да се нагласи дека политичкото раководство на Бугарија на чело со Т. Живков се дистанцира од тогаш објавената Енциклопедијата на БАН, се случија смени на раководни кадри во бугарските медиуми што беа особено агресивни, престанаа пречките за слушање на емисиите на Радио Скопје. Беше укината најистурената пропагандна радиостаница Родина‘, а беа направени и други отстапки во корист на Македонците како рамноправен народ во југословенската држава.

Превртливите позиции на Тодор Живков

Тогаш и самиот Тодор Живков даде неколку изјави дека бугарското раководство е подготвено јавно да го соопшти ставот дека секој граѓанин има право самостојно да ја изрази својата национална припадност; дека во Благоевградскиот округ живеат и Македонци и дека бугарската страна е подготвена да ја признае македонската нација без временското одредување на нејзиното постоење. Со изнесувањето на таквите ставови се напушташе стојалиштето дека македонската нација е „коминтерновски продукт“.

Подоцна Живков во јавните настапи свесно ги премолчува тие изјави. Од негова страна е понудена нова формула А и Б, односно бугарската страна да ја признае македонската нација во рамките на СР Македонија, а југословенската страна да се откаже од постоењето на македонско национално малцинство во Бугарија. Во пораката упатена до Тито од 25 март 1975 год., Тодор Живков отворено кажува дека нема да отстапи од своите ставови во поглед на признавањето на македонското национално малцинство во Бугарија, истите ставови му ги соопштува и на амбасадорот на СФРЈ, Урошев.

Повикувајќи се на една од пораките на Живков, претседателот на СФРЈ, Јосип Броз-Тито, во својот одговор констатира дека ставовите на Бугарија по отворените прашања, и покрај сите напори тие да се надминат, станале многу потврди и понеприфатливи, а многубројните договарања и ветувања од бугарска страна не се реализирани. Во одговорот, Тито укажува дека од бугарска страна упорно се настојува да се негира постоењето на македонското национално малцинство во Бугарија и македонскиот народ воопшто, се присвојуваат историските вредности на македонскиот и српскиот народ, се омаловажуваат тековите и придонесот на НОБ во победата над Хитлеровата коалиција и сл.

Платформи и декларации без конкретен резултат

На средбата на највисоко ниво во Хелсинки во 1975 година, Живков повторно изразува подготвеност на бугарското раководство за надминување на спорните прашања, но останува на ставот дека тие „немаат можност да ги присилуваат граѓаните да се изјаснуваат спротивно на нивните чувства“. Договорено е да се оствари средба на министрите за надворешни работи, на претставници на ЦК на партиите, како и да се ургира научниците да ги расчистат спорните прашања, „па макар да дискутираат пет години“. Но во исто време бугарската делегација на самитот во Хелсинки барала од југословенската делегација да не го дистрибуира Меморандумот на југословенската влада за националните малцинства, кој бил подготвен за Поткомитетот за сузбивање на дискриминацијата и заштита на малцинствата во Женева, со образложение дека „со тоа Југославија интернационализира едно спорно прашање што не постои“, а се мисли на македонското прашање.

По овој настан двете страни се трудат да се оствари средба меѓу Тито и Тодор Живков. Притоа се разменуваат декларации за соработка, кои остануваат нереализирани. Во тој контекст, од југословенска страна се подготвени и скици на платформите во кои се објаснуваат југословенските ставови.

Наброени се многу прашања на соработка помеѓу двете страни и дека треба да се премине кон нивна реализација преку комисии и работни групи, и тоа: да настојуваат правилно да се обработуваат прашањата во учебниците по историја што се однесуваат на двете земји, заемно преведување на историската литература на јазиците на народите на Југославија и на Бугарија, учество на научните собири и семинари, достапност на историските архиви на научниците на двете земји и соработка на воените историчари.

Македонското прашање оставено „за подоцна“

Во контекст на ваквите ставови се и препораките за соработка на академиите од Југославија и БАН, поттикнување на непосредните контакти на граѓаните, особено на пограничните региони, граничните собори, малограничниот промет, соработка на градовите, соработка на општествено-политичките организации, отворање културни центри, да се овозможи слободна размена на печатот и информациите и да се поттикнува соработката помеѓу информативните институции и сл. Во нацртот на Свечената изјава на двајцата претседатели се констатира неповредливоста на границите меѓу двете земји утврдена со важечките билатерални и меѓународни спогодби и договори.

Од друга страна, бугарскиот нацрт во набројувањата на прашањата како спорни ни категорично ни имплицитно не го споменува проблемот со македонското национално малцинство во Бугарија. Се проценува дека тоа не е случајно и може да значи како непризнавање или продолжување на бугарските ставови за историски ограниченото постоење на македонската нација во целост. Се нуди сестрана соработка, но со оставање настрана, односно за „подоцно решавање“ на т.н. македонско прашање. Во тој контекст им се „налага на министрите за надворешни работи до крајот на мај 1976 година да ја утврдат целокупната програма за развој на односите помеѓу Народна Република Бугарија и Социјалистичка Федеративна Република Југославија во сите области. За таа цел програмата треба да биде разработена од специјално формирани работни групи, составени од претставници на двете земји и од двете комунистички партии“.

Тие треба да работат на приближување и уедначување на гледиштата за учеството на бугарскиот и југословенските народи во движењето на отпорот, како и по некои прашања поврзани со историјата на Бугарската комунистичка партија и Сојузот на комунистите на Југославија, за уедначување на гледиштата и оцените за учеството на Бугарската народна армија и Југословенската народна војска во завршната фаза на Втората светска војна.

Безрезервна поддршка за Македонците во Југославија, но Софија не е подготвена да ја коригира својата политика за македонското национално прашање

Се бара усогласување на заедничките ставови и оцени за низа настани и личности од историјата на бугарскиот и југословенските народи, низ соработка на групи од претставници на Бугарската академија на науките, Српската академија на науките и уметностите и Македонската академија на науките и уметностите. Истото тоа се однесува и за заеднички преглед на учебниците, за да се создаде нормална и конструктивна атмосфера за остварување на споменатите преговори, да се прекине објавувањето на недобронамерните материјали во средствата за јавно информирање. Двете земји сметаат дека успешното изградување на односите меѓу нив треба да се базира на почитување на нивниот територијален интегритет и изјавуваат дека Народна Република Бугарија и Социјалистичката Федеративна Република Југославија немаат никакви територијални претензии една спрема друга“.

Во рамките на подготовките за средбата на двајцата претседатели било подготвено и нацрт-писмо од Тито до Живков. Во него Јосип Броз, откако го нагласува залагањето за развој на односите, особено укажува дека суштината и вистинските причини на проблемите во односите меѓу двете земји и партии се што во многу бугарски средства на јавно информирање, како и во други политички и административни постапки, во суштина се негира и самото постоење на македонскиот народ, еден од рамноправните народи на СФРЈ, и македонското национално малцинство во Бугарија. Ваквите ставови, секако, предизвикуваат недоверба и сомневање во вистинските намери на Бугарија спрема Југославија.

Бугарското раководство не е подготвено да ја коригира својата политика кон македонското национално прашање, кое Тито го поставува како услов на состанокот со бугарскиот амбасадор во Белград, за одржување на средбата на највисоко ниво. Конечно, по сите дипломатски средби и размена на нацрт-документи, средбата пропаѓа.