Фото: Влада

Забранетиот лет на авионот со кој шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, требаше денес да пристигне во дводневна посета на Белград, нема поинаков третман од другите летови на руските авиопревозници, објасни денес премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета на Пробиштип.

Забраната за прелет на руски авиони Ковачевски рече дека останува.

-Ние имаме донесено одлука, забрана за прелет на руски авиопревозници преку територијата на нашата држава. Ние сме членка на НАТО, што значи дека одлуките што се носат во НАТО се и наши одлуки и ние имаме целосно усогласена надворешна политика со политиката на Европската Унија. Во однос на конкретниот авионски лет нема никаков друг третман во однос на одлуката, која е веќе донесена и која е во сила и која останува во сила-рече премиерот Ковачевски.

Тоа што Бугарија, Македонија и Црна Гора го забранија летот на неговиот авион, Лавров денес изјави дека е незамисливо и дека тоа претставува лишување на една суверена држава од нејзините права за остварување на надворешната политика.