Фото: Принт-скрин

Тестирањето е бесплатно за пациентите по претходно утврдена индикација од страна на специјалист инфектолог

Институтот за јавно здравје располага со доволна количина на тестови за детекција на мајмунски сипаници, соопштија денеска од Министерството за здравство.

Оттаму посочуваат дека дел од тестовите се набавени со сопствени средства на Институтот, а дел преку Светската здравствена организација (СЗО).

– Со СЗО сме во постојан контакт во однос на навремено планирање на наредни чекори следејќи ги стручните проценки и препораки – посочија од ресорното министерство.
Тестирањето се врши само во Институтот за јавно здравје како референтна лабораторија, преку земање брис – велат оттаму.

Од Институтот за јавно здравје посочија и дека има јасни пртоколи како да се детектира болеста со тестирање.

– Пациент со симптоми на осип по телото се јавува кај матичен доктор, кој го препраќа кај инфектолог кој ја препознава клиничката слика и упатува на тестирање во ИЈЗ. Брис се зема од промената на кожата. Во случај промената да се на непристапна зона на телото има и резервен начин и во тој случај се зема брис од грло. Но, тоа се ретки случаи – објаснуваат од ИЈЗ.

Тестирањето е бесплатно за пациентите по претходно утврдена индикација од страна на инфектолог.

Епидемиологот д-р Драган Даниловски вчера во изјава за „Нова Македонија“ посочи дека досега стана јасно дека случаите првенствено се групирани меѓу мажи кои имаат секс со други мажи и оти не треба да владее општа паника дека сите ќе се заразат со мајмунските сипаници.

Колкава е опасноста за ширење мајмунски сипаници, каква заштита треба, објаснува проф. Даниловски

– Загрижени (не упаничени) треба да си бидат припадниците на таа категорија на граѓани. Зашто, апсолутно доминантен пат на пренос е сексуалниот. И најважен фактор на ризик е големиот број сексуални партнери. Оттаму, логично е, каде лежи решението! Значи, потребно е да се направи кампања за редукција на бројот на сексулани партнери! Аналогно како што беа кампањите за СИДА, кога драстично падна бројот на заразени. Но, тогаш главна мерка беше употреба на презервативите. Сега, тоа не памага, зашто преносот на мајмунските сипаници е со контакт кожа на кожа. А примарно место каде што се појавува исипот е кожата околу гениталиите и околу анусот. Од епидемиолошка гледна точка, тоа се препораките – заклучува Даниловски.

Комисијата за заразни болести вчера препорача воведување мерки изолација/карантин и тоа изолација во домашни или болнички услови на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање, изолација на потврдени случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите, како и секојдневно епидемиолошко следење на контакти на потврдени случаи со мајмунски сипаници за време на траење на инкубацискиот период од 21 ден.

Комисијата за заразни болести препорача превентивни мерки за заштита од мајмунски сипаници

Комисијата за заразни болести ја реафирмира препораката до Министерството за здравство да се преземат сите неопходни превентивни мерки.

Инаку, во Институтот за јавно здравје во тек е испитувањето на примерокот земен од пациент од Кичево кој се води како сомнителен случај со мајмунски сипаници.

Се очекува во текот на денот здравствените власти да информираат дали пациентот е заразен со мајмунски сипаници.

Доколку се потврди, тоа ќе биде првиот регистриран случај во земјава.

Инаку, повеќе од 80 земји, каде што мајмуните сипаници не се ендемични, пријавиле избувнувања на вирусна болест, која Светската здравствена организација ја прогласи за глобална здравствена вонредна состојба, бидејќи потврдените случаи надминаа 27.800, а неендемичните земји ги пријавија своите први смртни случаи.