Еден од протестите на штедачите на ТАТ

На денешен ден, 7 март 1997 година, точно пред 25 години Битола како „нуклеарна бомба“ ја погоди аферата ТАТ. Пред точно 25 години, по барање на тогашниот
гувернер на Народната банка, Борко Станоевски, а на предлог на ревизорот Газменд Кадриу, престана да работи штедилницата и менувачница ТАТ.

Одлуката на Кадриу да ѝ стави клуч на штедилницата предизвика колективна депресија во градот под Пелистер. Тој 7 март во 1997 година битолчани буквално паднаа во
очај. Дотогаш најдобрата и најсигурна менувачница и штедилница, ТАТ, која по неколку пати во денот се рекламираше на сите телевизии во државата престана да работи.

Во првиот момент штедачите, кои беа збунети, помислија дека штедилницата ќе биде затворена само неколку дена додека се „сними“ состојбата. Но, кога на првото судско рочиште во Основниот суд во Битола стечајниот судски совет и стечајниот управник
Никола Јанковски, им соопштија на „татовци“ дека стечајот на ТАТ ќе трае најмалку 10 години, тие паднаа во колективна депресија. Паднаа и првите жртви. Двајца штедачи не можејќи да се помират со фактот што ги изгубија парите, ги одзедоа своите животи.

Штедачите никако не можеа да се помират со информацијата дека стечајот во ТАТ ќе трае најмалку 10 години. Но оттогаш до денес изминаа цели 25 години, а стечајот во ТАТ, сѐ уште трае. Кога истиот формално ќе заврши, сега никој не знае и не сака да прогнозира. Таква прогноза не сака да даде ни сегашниот стечаен управник, Коле Волчевски, кој како четврти стечаен управник го води стечајот.

Епилогот од пропаѓањето на штедилницата и најверојатно најдолгиот стечај во државата, по изминати 25 години се десетици извршени самоубиства, стотици
изгубени животи како последица на депресиите и болестите од кои се разболеа по губењето на парите, илјадници необештетени штедачи.

Од над 12.000 штедачи, кои имаа над 120 милиони марки во ТАТ, некои се обесштетени целосно, а неколку илајди со Законот за обештетување со сертификати, во просек по 45 проценти. Моментно како необештетени штедачи се водат околу 5.500 штедачи и нивни наследници, кои сѐ уште ги побаруваат своите штедни влогови.

Од сите учесници во аферата ТАТ по судењето кое од Битола беше префрлено во Охрид, на затворска казна за даночно затајување беше осудена само Соња Николовска, додека сите други инволвирани се извлекоа од одговорноста.

Интересно е што како што поминуваат годините, бројот на необесштетени штедачи, наместо да се намали, се зголемува, откако по смртта на штедачите нивните штедни влогови ги наследуваат наследниците. За тоа најдобро зборува податокот дека до пред извесно време имало 5.735 необесштетени штедачи, но откако некои од нив починаа бројката се зголеми на 5.900, бидејќи се јавија како доверители нивните наследници по отворањето на стечајната маса.

Незадоволни од нерешавањето на случајот, за кој сите недвосмислено сметаа дека е најголемиот организиран криминал што се случил во Македонија, некои од необештетените штедачи, членови на Здружението на необештетени штедачи, одлучија да ја тужат државата. Но „татовци“ го загубија процесот во Стразбур, поради
технички формалности и немање пари да ги платата судските такси, поради што нивната тужба беше отфрлена.

Тоа што најмногу ги боли штедачите на ТАТ од загубените пари е што и по 25 години од скандалот со ТАТ и банкротирањето на дотогаш најдобрата и најсигурна штедилница во државата, сѐ уште не се најдоа виновниците што ги ограбија штедачите. И по 25 години од банкротирањето на штедилницата се уште не се дозна кои беа видните политичари, судии, адвокати, владици, министри, пратеници, стечајни управници, роднини, пријатели, инспектори, началници… кои се наоѓаа во тетратките на сопственичката Соња Николовска и добиваа привилегирани камати и фиктивни заеми што подоцна ги вложуваа во штедилницата како свои штедни влогови за кои добиваа високи камати.

Иронијата да биде поголема, дури по 25 години од банкротирањето на штедилницата неодамна штедачите од страна на стечајниот управник Коле Волчевски дознаа дека
штедилницата и менувачница ТАТ Битола уште од самиот почеток на нејзиното формирање била дива штедилница. Според стечајниот управник Волчевски штедилницата, која до нејзиното пропаѓање важеше за една од најдобрите во државата, не била воопшто регистрирана како правен субјект во Централниот регистар. До ваквото сознание дошол стечајниот управник Волчевски, кога сакал објектите, становите и куќите, кои штедилницата ги добила по завршувањето на судските постапки, да ги впише во Катастарот како имот на штедилницата во стечај.

– Тоа што штедилницата ТАТ воопшто не била регистрирана во Централниот регистар како правен субјект, сега ни прави големи проблеми, бидејќи во сите катастари во државата едноставно не сакаат ни да слушнат да ги запишат објектите што сега се во наша сопственост, како имот на ТАТ во стечај, откако во редовна судска постапка
сме ги добиле од корисниците на кредити, кои ги обезбедиле со хипотеки – вели Волчевски.

Инаку, ТАТ во моментот има расчистено вкупно 235 хипотеки, кои се дадени на присилно извршување и наплата кај извршителите. Најголемиот дел од хипотеките се од Битола, но ги има и во Кавадарци, Неготино, Тетово, Гостивар, Скопје, Струмица… и нивното впаричување оди многу тешко. И додека штедачите на ТАТ тврдат дека тие 235 хипотеки тежат неколку милиони евра, според стечајниот управник Волчевски, имотот на ТАТ, кој главно се состои од куќи, станови, деловни простории, ниви… изнесува нешто над 70 милиони денари, или околу 1,2 милион евра, што ни од далеку не е доволен за обесштетување на штедачите, кои побаруваат над 24 милиони евра.

Покрај поседувањето 235 хипотеки, штедилницата ТАТ во стечај поседува и 123 илјади хектари плодно земјоделско земјиште, кое е сопственост на 13 должници, кои подигнале заеми од штедилницата. Но досега никој не бил заинтересиран за купување на ова земјоделско земјиште.

И покрај тоа што се навршија 25 години од банкротирањето на штедилницата ТАТ, од Здружението на необештетени штедачи, чиј претседател е Пеце Гугучевски
не се откажуваат од изгубените пари и настојуваат да се обештетат.

– Ние се откажавме од судската постапка во Стразбур против државата пред сѐ оти немавме пари да ги плаќаме судските такси. Но од парите ниту сме се откажале, ниту
некогаш ќе се откажеме. За Македонија е срам што ниту една власт не се зафати не само да ги обештети штедачите туку и целосно да го расветли овој тежок криминал, кој во 1997 година ја фрли Битола на колена. Навистина е срамно за една држава како нашата, која има аспирации да стане членка на Европската Унија, да не се зафати целосно да го расветли криминалот во ТАТ и еднаш засекогаш да ѝ се каже на јавноста каде отидоа парите на штедачите и кои луѓе, покрај Соња Николовска, го смислија
и реализираа овој невиден грабеж – вели лидерот на необесштетените штедачи на ТАТ, Пеце Гугучевски.

Инаку, по 25 години сопственичката на ТАТ, Соња Николовска се наоѓа на издржување на затворска казна во Идризово. Иронијата за оваа афера да биде комплетна е тоа што
Соња Николовска за измама на само 4 граѓани на Битола доби повисока казна затвор од 5,5 години, отколку за измама на 12.000 штедачи, за кои беше осудена само на 3,5
години за даночно затајување. М.М.