Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Македонската влада донесе одлука да им се приклучи на другите земји од ЕУ во забраната за руски авиокомпании од македонскиот воздушен простор, соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи.

-Одлучни сме во нашата поддршка за Украина и ја повикуваме Русија веднаш да престане во воените дејствија-напиша на твитер профилот Османи.

Владата ја задолжила АД во Државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ да ја отпочне постапката за спроведување на оваа одлука и да ги извести Европските воздухопловни власти за забраната за влез во воздушниот простор на земјава за авио превозници регистрирани во Руската Федерација.

Летови меѓу Скопје и Москва оперираше руската авиокомпанија „Нордвинд“ од јуни до ноември минатата година и од септември до ноември меѓу Скопје и Санкт Петербург. Линиите беа прекинати поради мал интерес. Беше најавено дека двете линии ќе се вратат со годинашниот летен ред од април.

Руските авиокомпании и приватните руски авиони веќе се блокирани во многу земји од Европа.

За нив е затворен воздушниот простор во Велика Британија, Германија, Финска, Литванија, Естонија, Летонија, Полска Чешка, Бугарија, Романија, Словенија и Белгија, а забрана најавија и други земји од ЕУ.