фото: Влада

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски се сретна со Нивес Тигањ, амбасадорка на Република Хрватска во нашата држава.

На состанокот е изразена јасна и силна поддршка за европските перспективи на земјава. Пренесена е определбата дека Македонија, освен во НАТО, треба да се интегрира и во Европската Унија, бидејќи е тоа од значење за целиот регион, но и за Унијата. Во таа насока се очекува успех во изнаоѓањето решение помеѓу Северна Македонија и Бугарија, што ќе овозможи отворање на преговарачкиот процес со ЕУ, соопшти владината прес-служба.

– Воспоставивме однос на меѓусебно почитување и работиме на решенија базирани на европските вредности. Од двете страни зависи дали енергијата ќе биде преточена во конструктивен дијалог, но постои позитивна енергија во разговорите и отвореност за меѓусебно разбирање – рече премиерот Ковачевски.

Тој соопшти дека заедно со Владата е фокусиран и на клучните прашања од директен интерес на граѓаните, при што се веќе направени конкретни постигнувања со зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари и во делот на социјалните трансфери, како што се субвенциите за плаќање електрична енергија.

На средбата се разменети мислења за прашања преку кои Македонија може да извлече практични и корисни искуства од Хрватска, значајни за евроинтеграцискиот процес. Исто така е оценето дека постои големо и искрено пријателство помеѓу двете држави, кои годинава ќе одбележат 30 години од воспоставувањето дипломатски односи, дека билатералните односи се унапредени и дека во следниот период, посебно внимание ќе биде посветено на зголемувањето на трговската размена и на економската соработка, стои во соопштението.