Министерството за внатрешни работи сè уште нема одговор од седиштето на апликацијата Телеграм во Велика Британија за идентификување на двајцата администратори и двајца модератори на групата „Јавна соба“ каде што се споделуваа фотографии и видеа, за кои постојат сомневања за детска порнографија и злоупотреба на лични податоци.

Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев вели дека засега утврдиле дека групата броела 8.000 членови, а биле откриени вкупно 800 фотографии и видеа, главно од Фејсбук, Инстаграм, но и приватни фотографии и видеа.

– До „Телеграм“ во Велика Британија испративме барање да нè информираат за телефонските броеви на двајца администратори и двајца модератори на групата. Ќе се бараат информации за сите што го прекршиле Законот за производство и дистрибуција на детска порнографија или, пак, направиле злоупотреба на податоци. Инспектори од сите СВР на терен собираат податоци за случајот. Имаме релевантни сознанија за дел од луѓето кои ја менаџирале групата, но во интерес на истрагата не би одел со конкретни имиња – рече министерот Чулев.

Посебни насоки Чулев дал на службите за постапување со жртвите чии фотографии и видеа биле злоупотребени во оваа група. Засега имале само два пријавени случаи, од кои во едниот веќе било утврдено дека се работи за злоупотреба на лични податоци.

Министерот Чулев рече дека на разговор во врска со овој случај ќе бидат повикани само оние кои споделувале видеа и фотографии, не сите кои членувале во групата. Тој уверува дека МВР ја следи состојбата и внимава на можно појавување на групата со друго име и на друга мрежа.