Судењето за „Меѓународен сојуз“ ќе продолжи на 26 август, откако одбраната даваше воведни зборови на денешното рочиште во Основниот кривичен суд.

Обвинетата Фросина Ременски рече дека Обвинителството ниту има, ниту ќе понуди докази, во изјава за медиумите по судењето.

Стефан Павлески, адвокатот на обвинетата Јасна Мандиќ, во воведниот збор истакна дека таа не учествувала во составување на договорите за кои ја товари ОЈО.

Мандиќ, пак, кажа дека не и е јасно која е нејзината активност за извршување на наводната измама, односно оти не сторила измама, ниту ќе стори.

Проектите за старечки домови, кои според обвинителството се фиктивни, всушност биле реални, со потпишани договори донесени на собрание на невладината организација Меѓународен сојуз и проекти прераснати во платформи, истакна првообинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски познат како Боки-13, во својот воведен говор на судењето.

Во случајот „Меѓународен сојуз“, заедно со Јовановски обвинети се и Јасна Мандиќ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска за кривичните дела „измама“ и „перење пари“.

Јавното обвинителство претходно соопшти дека со дејствијата опишани во обвинението за кривичното дело „измама“ се товарат првоосомничениот Бојан Јовановски, а три лица се обвинети за помагање во извршувањето на истото кривично дело, воедно за кривичното дело „измама“ е обвинето и правното лице. Првообвинетиот се товари и за кривично дело „перење пари и други приноси“, при што три лица се обвинети дека му помогнале во извршувањето на ова кривично дело. Обвинителството тврди дека обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски, дека ќе учествуваат во проект за изградба на старечки домови.