Словенија испраќа 16 противпожарни возила и 46 пожарникари да помогнат во гаснењето на пожарите низ Македонија, реализирајќи го ветувањето за помош по вчерашниот разговор помеѓу министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзиниот словенечки колега Матеј Тонин.

– Се надевам дека ќе ги скротите огновите што е можно поскоро – наведе Тонин, информирајќи ја Шекеринска за брзата реакција.

Помошта од Словенија во луѓе и возила се очекува да пристигне најдоцна утре.

Вчера министерката се заблагодари за помошта од соседните држави и НАТО-сојузниците, истакнувајќи дека Македонија може да смета на своите пријатели во неволја.

– Навистина ми е драго што колегата Тонин многу брзо реагираше позитивно, и по првичните најави за помош кои што дојдоа од Србија и Бугарија, имаме ист одговор и од страна на Словенија. Тоа покажува голема солидарност од страна на нашите сојузници и од соседите – рече министерката Шекеринска.