Архива / Фото: Архива

Автобуска несреќа во Бугарија, во која загинаа 46 лица, според она што го јавуваат агенциите, е најтешката автобуска несреќа во Европа во последната деценија. За жал, ова не е прв ваков случај на автобуска несреќа со жртви и повредени во кој се вклучени македонски патници или македонски транспортери. Македонија памети голем број автобуски несреќи што завија многу семејства во црнина, кои постојано го дополнуваат „црниот список“. Трагедијата во Бугарија само ни ги врати сеќавањата на некои од овие кобни настани

Вчерашната трагедија не потсети на автобуските несреќи во минатото

Црн вторник за Македонија, oткако македонски автобус на „Беса транс“ се запали во соседна Бугарија, во кој, според досегашните достапни информации, починаа 46 лица. Несреќата се случи вчераутро, на автопатот Струма, на делницата од Софија кон македонската граница. Во автобусот патувале 52 лица, на релацијата Истанбул – Скопје, а меѓу загинатите има 12 малолетници. Во несреќата загинал и возачот.
Според агенцијата Франс прес, оваа трагедија е најтешката автобуска несреќа во Европа во последната деценија. Осврнувајќи се на трагичните детали од несреќата, агенцијата прави преглед на најтешките автобуски несреќи на континентот во последните десет години.
За жал, ова не е прв ваков случај на автобуска несреќа со жртви и повредени во кој се вклучени македонски патници или македонски транспортери. Македонија памети голем број автобуски несреќи што завија многу семејства во црнина, кои постојано го дополнуваат „црниот список“. Трагедијата во Бугарија само ни ги врати сеќавањата на некои од овие кобни настани.

ЗА НЕЦЕЛИ ТРИ ГОДИНИ, ВТОРА СООБРАЌАЈКА СО СМРТНИ ПОСЛЕДИЦИ

За помалку од три години, ова е втора несреќа со поголем број жртви. На 13 февруари 2019, на автопатот Скопје – Тетово, кај селото Ласкарци, околу 17 часот, се случи автобуска несреќа во која животот го загубија 16 лица, а 38 патници беа со полесни и потешки телесни повреди.
Околу еден месец подоцна, Јавното обвинителство излезе со конкретни детали за причините за оваа несреќа. Оттаму тогаш изјавија дека возачот на автобусот возел со недозволена брзина од 99 километри на час, иако смеел да се движи со максимална брзина од 80 километри на час. Сепак, брзината не била единствена причина за несреќата. Како што информираа тогаш, автобусот имал и технички проблеми со сопирачките, па возачот не можел да го запре автобусот.
На петнаесетти октомври годинава, автобус со работници се преврте на излезот од индустриската зона Жабени во Битола. Несреќата се случи околу 6.30 часот наутро, а петмина работници што се превезувале во автобусот добија полесни повреди, беа третирани амбулантски и не беа хоспитализирани.
На седми декември 2019 година, македонски автобус чија крајна дестинација бил Копаоник, се преврте на магистралниот пат Прокупље – Блаце, во соседна Србија. Во несреќата едно лице доби потешки повреди, додека десетмина добија полесни повреди. Локалните медиуми тогаш известија дека делницата на која автобусот излетал од патот подолго време била во фаза на реконструкција.
Во 2016 година, пак, македонски автобус на фирмата „Бога транспорт“ удри во шлепер на четириесетина километри пред турско-грчката граница. Во овој инцидент загина едно лице, а 37 беа повредени. Двајцата возачи беа во притвор, 22 лица од повредените беа префрлени во најблиската болница во Малкара, а 17 беа транспортирани во Кешан.

ГОДИШНО ВО СВЕТОТ 1,3 МИЛИОН ЛУЃЕ УМИРААТ ВО СООБРАЌАЈНИ НЕСРЕЌИ

Овој период од годината е доста ризичен за возачите, меѓу кои се и превозниците. Лошите временски услови, ниските температури, маглата и мало невнимание може да бидат кобни услови за возачите. Лизгавиот терен и дождот дополнително ги влошуваат условите за возење.
Денот недела, изминатиот викенд беше ден посветен на жртвите загинати во сообраќајни несреќи. Секоја трета недела, како ден, во ноември е Светски ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди. Ден посветен на милиони лица што во изминатите години трагично го загубиле животот на патиштата низ светот.
Првпат овој ден е одбележан од страна на Обединетите нации во 1993 година и оттогаш, секоја година, третата недела од ноември им е посветена на жртвите во сообраќајни несреќи.
Според податоците на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, годишно во светот 1,3 милион луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, а од 20 до 50 милиони лица добиваат повреди. Тоа значи дека како последица од сообраќајни незгоди, дневно умираат над 3.500 лица, односно на секои 25 секунди едно лице го губи животот во сообраќајна незгода.
– Според статистиката, голем дел од жртвите и повредените лица во сообраќајни незгоди се деца и млади. На светско ниво, годишно околу 400.000 млади лица на возраст до 25 години го губат животот во сообраќајни незгоди, односно околу 1.100 млади лица дневно. Сообраќајните незгоди претставуваат прва причина за смртност за лицата на возраст од 15 до 19 години, втора причина за смртност за лицата на возраст од 10 до 15, како и од 20 до 24 години, и трета причина за смртност за лицата на возраст од пет до девет години – наведено е на интернет-страницата на РСБСП.


Бродска несреќа со петнаесет жртви

Во септември 2009 година, во водите на Охридско Езеро се случи стравотна бродска несреќа, во која животот го загубија петнаесет туристи. Пет лица беа повредени, три исчезнати и 50 преживеани. Вкупната бројка на патници во бродот изнесуваше 73, претежно бугарски државјани. Бродот „Илинден“ потона во водите на Охридско Езеро во близината на автокампот Елешец.
Први на помош на патниците во потонатиот брод им пристапија лица од автокампот со чамец, кои успеале да спасат голем дел од нив, а во акцијата за спасување беа ангажирани екипи на езерската полиција со чамци, специјални нуркачки екипи и сите амбулантни возила со кои располага службата за итна помош во Охрид. За овој несреќен случај беше прогласен и ден на жалост во Македонија.
Осум од жртвите беа жители на општината Антон, четворица од општината Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.
Бродот „Илинден“ две седмици по несреќата, поточно на 19 септември, беше извлечен на површината на Охридско Езеро. Истиот ден бродот беше одвлечен до каналот Студенчишта, каде што по спроведената истрага за неговата техничка исправност се наоѓа и денес, како нем сведок на трагедијата што однесе 15 човечки животи.