Обвинителката Вилма Русковска по одлуката на судот да ѝ одреди 30-дневен притвор на Катица Јанева, вели дека нејзината колешка претхдно не била осомничена во случајот „Рекет“, бидејќи немало доволно докази. Русковска потенцираше дека вчера не било барано апсење на Јанева, за да ѝ се даде шанса да даде свое видување.

– Не се смени ништо од вчера до денес. Сметав дека треба да ѝ се даде шанса на колешката да даде свое видување и тоа беше причината. Предметот е многу експониран во јавноста, едноставно сакав да ја слушнам што сака да каже. Не ја ислушав како сведок. Не би барала притвор без доволно докази. Во меѓувреме, се собраа доволно докази, кои укажуваат на кривичното дело. Ако имав доволно докази за некој друг и тој ќе беше во притвор – рече Русковска по распитот на Јанева во судот.

Обвинителката Русковска вели дека истрагата продолжува, а дополнително ќе се види до какви сознанија и докази ќе дојде Обвинителството за организиран криминал и корупција. Русковска тврди дека немала политички притисоци со цел да спречат истрагата да се прошири кон Катица Јанева.

– Кога беа првите двајца осомничени на кои им беше одобрен притвор по наше барање. Истрагата продолжува и ќе видиме каде ќе не однесе. Не сакам оваа истрага да биде реалити шоу. Сум немала политички притисоци – додаде Русковска.

Во Обвинителството биле повикани и бизнисмени кои се поврзувале со истрагата „Рекет“, а дел од нив негирале дека дале пари, рече Русковска. Во однос на тоа дали во изминатиот период биле уништени докази, рече дека не и е познато.

– Познато е дека дел од компјутерите се бришени. Колку што имам информации тоа се на стручните соработници кои работат во СЈО. Ниту еден комјутер на обвинител не беше форматиран, колку што знам. Еден телефон кој го најдовме во Гевгелија беше форматиран, другите не – рече Русковска.