Своите вредни предмети граѓаните ги оставаат незаштитени на плажите

Предупредување за туристите крај езерата

Посетителите ги оставаат своите вредни предмети необезбедени на шанковите на плажите и на самите плажи, без да водат сметка дека таму се активни и крадците. Апелираме до капачите да бидат повнимателни, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР-Охрид

Затворањето на границите поради пандемијата на коронавирусот и заминувањето на Македонците на одмор во домашните туристички дестинации, беше доволна причина ситните крадци и џепчии да се пренасочат кон туристичките места. Па, така, тие својот лесен плен сега го наоѓаат по плажите, отворените барови по должината на крајбрежјето и паркираните автомобили во близината на плажите, каде што посетителите ги оставаат своите вредни предмети. Тоа особено се однесува за охридските плажи, кои се преполни со капачи, но случаи на кражби има и во Дојран и на Преспанско Езеро.

Своите вредни предмети граѓаните ги оставаат незаштитени на плажите, па поплаки за тоа дека биле ограбени објавуваат на социјалните мрежи. Многумина останале без своите мобилни телефони, паричници, преносни компјутери, часовници…
– Објавив на Фејсбук за да ги предупредам сите. Ми беа украдени паричникот и мобилниот телефон од плажата. Истите тие ми беа скриени под пешкирите, но сепак некој успеал да ги најде. Кога излеговме од вода, нашите работи беа растурени, а вредните предмети ги немаше. Што е најтрагично, очигледно е дека некој следел каде ги оставаме работите, затоа што чантата што ја носев не беше допрена од крадците. Страшно е ова што ни се случи. Наместо да тераме одмор, ние останавме без документи и без пари – револтирано вели една туристка, која била на плажа во Охрид.
Крадците не оперираат само на плажите, туку го користат и хаосот на паркинзите, па крадат од возилата што се паркирани изолирано и подалеку од човечко око. Таму кршат стакла, па крадат радија, преносни компјутери и други вредни предмети што можат да им донесат одредена заработка на крадците.

– Мојот лаптоп беше украден од паркиран автомобил, додека јас со семејството бев на плажа. Моја беше грешката што го оставив во автомобилот и тоа на видливо место. Среќа беше што не беше нов, беше постар модел, кој со мене го носам на одмор, додека новиот сепак си го оставам во својот дом – изјави Бојан.
Од Секторот за внатрешни работи – Охрид ни изјавија дека со почетокот на летото и зголемувањето на бројот на туристите, евидентирани се кражби на мобилни телефони и паричници.

– Граѓаните ги оставаат своите вредни предмети необезбедени на шанковите на плажите и на самите плажи. Апелираме до нив да бидат повнимателни – изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР-Охрид. Тој нагласи дека низ годините досега евидентирале и кражби од автомобили, направени со насилно обивање или, пак, кршење на стаклата од возилата.

– Полицијата и велосипедската полиција на СВР-Охрид активно се присутни и редовно вршат патроли низ плажите и паркинг-просторите во Охрид, за превенирање на ваквите дела и за фаќање на сторителите – истакна тој.
Од Министерството за внатрешни работи, пак, изјавија дека не се евидентирани зголемени случаи на кражби низ туристичките места. И оттаму потврдуваат дека се евидентирани само неколку кражби на мобилни телефони во Охрид.
Во летниот период се зголемени и кражбите по куќи и станови. Годишноодморците и туристите никако да научат како да се однесуваат за време на своите одмори. Стануваат лесна цел за крадците објавувајќи на социјалните мрежи дека заминуваат на својот годишен одмор. Или фотографии од таму каде што престојуваат. Крадците знаат како да ги добијат потребните податоци од потенцијалните жртви. Со тоа што сопствениците се на одмор, тој може слободно да си ја заврши својата работа, без никаков страв дека ќе биде фатен.

Од тие причини надлежните апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни кога заминуваат на своите летни одмори, а домовите да им ги доверат на членови од семејството, кои ќе ги проверуваат додека тие се на својот годишен одмор.

[email protected]