Фото: Маја Јаневска-Илиева

Под слоганот „Држава што не постапува е држава што силува“, кој се одржа пред Министерство за внатрешни работи, демонстрантите на денешниот осмомартовски марш им изрекоа симболична пресуда на институциите и ги прогласија за виновни за соучество во насилството врз жените, а од МВР побараа „да се разбуди“ и да си ја врши работата.

Демонстрантите побараа надлежните да ги оправдаат позициите и да ја заработат платата, со тоа што ќе обезбедат јасни правила и професионални стандарди во кои ќе имаат доверба и дека ќе се ставикрај на родовото насилство.

Покрај марширањето за родова еднаквост и рамноправност, демонстрантите маршираа во знак на протест и за расчистување на случајот „Јавна соба“, а тие беа облечени во црно во знак на револт и гнев.

– Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба“ и сите жртви на родово засновано насилство. Маршираме за да ги потсетиме институциите, МВР и Јавното обвинителство дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања – велат од организаторите на маршот.

Според податоците, во време на пандемијата забележано е зголемување на семејното насилство за 45 отсто, а најголем број од жртвите се жените.

Маршот е во организација на Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.