Обвинетиот Миле Јовановски, татко на неформалниот сопственик на „1ТВ“, Бојан Јовановски, утрово во судот призна дека е виновен оти го натепал попот Виктор Стојчев на Божик 2017 година.

„Го признавам целосно делото“, рече Јовановски пред судот. Првин рече дека делумно го признава делото, но кога судијката му укажа дека не може на ова прашање да одговори на таков начин, рече дека целосно го признава делото.

Попот Виктор Стојчев рече дека ќе бара отштета од таткото на Боки 13 во граѓанска постапка и дека се приклучува кон кривичниот прогон.

Обвинителката Имран Османи го образложи обвинението и рече дека настанот се случил во ноември 2017 година во дворот на оштетениот. Кога попот стигнал со својот џип со бугарска регистрација, почнал да свири бидејќи било паркирано друго возило. Потоа се појавил Боки 13 и го препаркирал возилото, но од соседната куќа се појавил татко му и ја отворил вратата и почнал да го удира со десната рака со тупаници. Кога попот излегол од возилото, таткото на Боки 13 продолжил да го удира со нозете оштетениот по што попот паднал на земјата. Јовановски не застанал овде и продолжил да го удира. На попот му бил скршен зглоб од левата нога.

Обвинителката побара да биде соодветно казнет. Адвокатката на Миле Јовановски, Јелена Симиќ, рече дека обвинетиот бил вознемирен, а повредите на оштетениот не се животозагрозувачки и се без последици за неговото здравје. Адвокатката рече дека обвинетиот е невработен и семеен човек со влошена здравствена состојба и по настанот, бил видно потресен од настанот и не бил осудуван претходно и побара поблага санкција. За Јовановски се води постапка за Меѓународниот сојуз.

Јовановски на крајот рече дека сакал да каже дека бил провоциран од попот.

– Господинот многу сака да пишува на Фејсбук. Кога беше уапсен Боки 13, рече дека во мојот дом дошла половина Влада, обвинители и судии – рече таткото на Боки 13.

Пресудата е закажана в понеделник.