Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, смее да се оддалечува од домот каде издржува куќен притвор, тврдат од МВР, откако тој вчера беше фотографиран на улица во Аеродром.

Според полицијата, ова му се дозволува со решение од судот за да оди на лекар.

Премиерот, Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека не знае повеќе детали од тоа што институциите го кажале.

„Д.Р. има дозвола од Основен кривичен суд Скопје 1 со која поради здравствени потреби му се дозволува да се оддалечи од домот за да оди во точен период од денот да ја добие здравствената услуга. Дозволата е за точно определени денови. Во останатиот период од денот, освен периодот од неколку часа, кој му е дозволен од судот, Д.Р. ја почитува мерката. Конкретно денеска се направени две проверки од полициски службеници на СВР Скопје и Д.Р. ја почитувал мерката која му е изречена“, велат од МВР.

Заев го повтори ставот на МВР, посочувајќи дека Рашковски имал точно определен дел од денот кога смее да излегува.

„Соопштија правосудните органи и МВР дека има дозвола од суд во точен период кога да оди на лекар и тоа го прочитав од медиумите. Ниту знам зошто е виден да оди слободно или не, знам дека има точно превидено со решение од судот кога да оди на лекар, заради здравствени потреби, точно колку пати во неделата, кој дел од денот итн“, рече Заев.

Рашковски беше во притвор од април поради опасност од бегство и влијание на сведоци, а по предлог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое води истрага за него. Потоа, судот одлучи тој да биде пуштен во куќен пртивор бидејќи околноста да влијае на сведоци повеќе не постоела.

Тој нудеше парични гаранции кои не му беа прифатени. Рашковски се гони бидејќи Обвинителството смета дека како генерален секретар на Владата, спровел постапка за јавна набавка спротивно на прописите, која претходно ја договорил со фирмата која го добила тендерот.