Зоран Заев не мисли дека Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски, како и другите во судницата, се организатори на настаните во Собранието од 27 април 2017 година, туку дека тие се изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски, според неговите сознанија. Ова го изјави премиерот на денешното рочиште, одговарајќи на прашање од судот во однос на конститутивната седница во Собранието од 27 април 2017 година.

– Не мислам дека главни осмислувачи и организатори се Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и другите тука. Мислам дека се изманипулирани од Никола Груевски. Како жртва на тој настан, сметам дека бев прв таргет на група со цел да одзема животи – рече Заев кој е повикан како сведок на одбраната, додавајќи дека не може да даде забелешки во однос на тогашното водење на конститутивната седница.

На денешното рочиште треба да сведочи и пратеникот Адрим Гаши.

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, се обвинети во овој предмет, во кој се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”.