Во текот на денешниот ден се очекува од Бугарија да пристигнат двајца, од седумте преживеани пациенти од тешката автобуска несреќа што се случи на 23 ноември на автопатот „Струма“, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

– Утринава разговарав со директорот на болницата и двајцата пациенти се испуштаат во добра здравствена состојба. Станува збор за 17-годишна девојка и за уште еден пациент, кои ќе бидат сместени на Клиниката за пластична хирургија – рече Филипче.

Тој рече дека откако двајцата пациенти ќе пристигнат во Македонија, ќе се направи проценка колку долго ќе бидат хоспитализирани, пред да бидат пуштени на домашно лекување.

Воедно, ангажирани се и лекари од Клиниката за психијатрија, со цел психолошка поддршка на преживеаните од автобуската несреќа.

Се очекува уште тројца пациенти од оние кои ја преживеаја несреќата, во земјава да бидат транспортирани в понеделник.