Фото: Игор Бансколиев

Премиерот Зоран Заев од собраниската говорница ги убедува пратениците дека предложените кандидати за министри имаат добри биографии, на продолжението на 103-та седница во Собранието.

За Садула Дураки, кој е предложен за прв човек во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, Заев не се осврна на критиките за тоа што тој навел дека „знае експлорер“, туку единствено кажа дека ќе раководи со новоформираното министерство, со кое ќе се заокружи процесот на Рамковниот договор.

– За министер за животна средина го предлагам Насер Нуредини. Има висока едукација во бизнисот и економијата особено во грин економи -, рече премиерот.

За нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство предложен е Трајан Димковски.

Ако биде изгласан со Министерството за култура ќе раководи Хусни Исмаили, додека со Министерството за локална самоуправа Горан Милевски.

Вчера беа разрешени досегашните министри за финансии и за локална самоуправа Драган Тевдовски и Сухејл Фазлиу, како и министерот без ресор задолжен за Рамковниот договор Хазби Лика, а премиерот го повлече предлогот во исто време да биде и министер за финансии.

Заев ќе раководи со Финансии сé до изборот на нов министер.