Антикорупциската комисија ќе поднесе иницијатива за кривично гонење на одговорни и службени лица во Основниот суд Скопје 1, меѓу кои и за поранешниот претседател Владимир Панчевски. Иницијативата ќе биде поднесена до Јавното обвинителство бидејќи од комисијата сметаат дека вработувањето на внукот на Панчевски, Јордан Тасевски, како помлад судски соработник, претставува посериозно кривично дело од непотизам.

Внукот на Панчевски, според антикорупционерите, бил вработен во судот иако тој воопшто не бил пријавен кандидат.

-Тој фактички бил уфрлен на листата, воопшто не бил пријавен како кандидат за оваа позиција, а сепак бил примен на работа. Ова ги надминува границите на класичен непотизам, рече на денешната седница претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

На огласот за помлад судски соработник во Основниот суд Скопје 1 биле пријавени 155 кандидати, а работното место го добил токму внукот на Панчевски, иако не бил пријавен како кандидат.