На скопскиот аеродром се запленети над еден тон прекурзор за добивање на амфетамински тип стимуланси, класифициран во прва категорија на националната листа на прекурзори, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Заплената ја направиле полициски службеници во соработка со македонското и со турското јавно обвинителство, како и со СЕЛЕК (Центарот за спроведување на законите во Југоисточна Европа).

– Прекурзорот бил набавен од страна на македонски државјани од лица од Кина, кој преку Турција пристигнал во Северна Македонија, со крајна дестинација во земји на Европската унија, со цел понатамошно производство на синтетичка дрога амфетамин и метамфетамин – соопшти Спасовски.

Првичната проценка е дека од набавената количина на прекурзорот требало да биде произведен амфетамин со вредност од над 50 милиони евра. Во акцијата се лишени од слобода две лица како дел од меѓународна организирана криминална група, а се преземаат мерки и активности и за приведувања на други лица.

– Оваа акција уште еднаш ја демонстрира посветеноста на Министерството за внатрешни работи за сузбивање на нелегалната трговија со дрога, каде бележиме одлични резултати, а со ист интензитет на посветеност продолжуваме и во наредниот период – рече Спасовски.