Професионалниот војник И.Ч. (44) ненадејно починал во болница во Приштина околу 18.15 часот, соопшти Генералштабот на АРМ. Војникот бил во состав на контингетот на АРМ во мисијата на КФОР на Косово.

На припадникот на АРМ му се слошило по што му била пружена прва помош, а потоа со воен хеликоптер, во придружба на воен медицински персонал, бил упатен во болница во Приштина. Таму било пристапено кон реанимација, но по кратко време била констатирана смрт.

Од Генералштабот нагласија дека во координација со сите надлежни институции се преземаат сите неопходни мерки за пренесување на посмртните останки на нашиот припадник во неговото место на живеење. По пристигањето на телото, погребот ќе биде со сите воени почести а во координација со неговата фамилија во време и место кое ќе биде одредено.