Фото: Маја Јаневска-Илиева

Условни казни добија седум обвинети за учество во толпа, поради настаните пред Собранието на протестите против францускиот предлог, кадешто имаше инциденти. Судијката во едно рочиште ги ислуша и ја изрече пресудата. Таа им посочи дека казната не е блага и опасноста од вакви дела е голема.
-Обвинетите се огласуваат за виновни за кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело. За што им изрекува алтернативна мерка, условна осуда. На сите обвинети им одредува казна затвор од две години, и определува дека нема да се изврши ако обвинетите во наредните четири години не сторат ново кривично дело – кажа судијката Славица Андреевска, пренесува Макфакс.

Судијката додаде: „Секој мора да одговара за тоа што го направил“.

Сите адвокати на седумте обвинети кои признаа вина за инцидентите пред Собранието, побараа поблаги казни и условни осуди. Според нив, со ваква пресуда ќе се превенира тие во иднина да не прават други кривични дела. Потенцираа дека станува збор за млади лица, најголем дел на 18 и 19 години.

Сите седум обвинети признаа вина, а од судницата излегоа насмеани.