Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, од вчера се брани од слобода, а заедно со него и Драги Рашковски, поранешниот генерален секретар на Владата. Двајцата беа во куќен притвор, но судиите од Апелација сметаат дека нема да избегаат ниту да влијаат на сведоци доколку се ослободат. И Велјановски и Рашковски се ослободени со гаранции.

– Гаранцијата на Драги Рашковски е составена од хипотеки на недвижен имот во Струмица и во Скопје во вредност од 192.980 евра. За Трајко Вељаноски гаранцијата е 209.790 евра. Тоа е куќата во која што живее, односно тој недвижен имот – велат од Апелација за „А1он“.

Советот на Апелацискиот суд Скопје, составен од судии те Тања Милева, претседател на советот, Ѓоко Ристов и Лирие Елези Ајрулау, членови на советот, ја уважи жалбата на првообвинетиот во случајот „Софтвери”, Драги Рашковски и му ја укина мерката куќен притвор. Во одлуката на скопска апелација се вели и дека се прифаќа понудената гаранција од страна на обвинетиот Рашковски, во вкупен износ од 192.980 евра, што се состои од ставање хипотека на недвижен имот, објави МИА.

Во одлуката на Апелацискиот суд се наведува дека обвинетиот по укинување на мерката притвор има обврска да се јавува секој работен прв понеделник во месецот во 10 часот, на овластено службено лице при Основен кривичен суд Скопје – Одделението за организиран криминал и корупција.

– Привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница на име на обвинетиот Д.Р. од С., односно забрана за нејзино издавање – стои одлуката на Апелациониот суд Скопје.

Исто така, во образложението на одлуката се вели дека Мерките на претпазливост ќе траат додека постои потреба од тоа, а најдолго до правосилноста на пресудата, а судот по службена должност на секои два месеци преиспитува дали има потреба за траење на мерката на претпазливост.

Вељаноски се наоѓаше во куќен притвор за предметот „Организаторите на 27 април“, за кој е осуден на затворска казна од шест и пол години. Пресудата сè уште не е неправосилна со оглед дека Апелација треба да одлучи за поднесените жалби од странките.