Фото: Игор Бансколиев

Основното јавно обвинителство (ОЈО) го доби преведениот извештајот од истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница изготвен од Сојузната криминалистичка полиција од Германија, информираат од Јавното Обвинителство. Петте обвинители кои работат на предметот почнаа да го разгледуваат извештајот за да утврдат дали и што ќе се преземе понатаму.

– Извештајот од германските експерти е преведен и доставен до Основното јавно обвинителство Тетово. Надлежните обвинители го разгледуваат, а наводите ќе бидат споредени со другите прибрани докази во предметот. Во предметот обвинителството постапува ажурно и темелно со цел во детали да се утврдат сите факти за несреќата. Во зависност од тоа што ќе биде утврдено, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошното постапување во предметот – информираат од службата за односи со јавноста при ЈОРМ.

Вкупно 14 лица ги загубија животите во пожарот во тетовската модуларна болница на 8 септември минатата година. Во истрагата учествуваа и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција од Германија. Нивниот извештај од седум страници стигнал до ОЈО – Тетово на 14 јануари, при што досега се чекаше негов соодветен превод бидејќи беше на германски јазик.

Обвинителството во октомври минатата година објави дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, според вештачењето на МВР.