Фото: Архива

По одлуката на Кривичниот суд а во врска со притворот на Сашо Мијалков, Судскиот совет истакнува дека судската власт е независна и самостојна и не делува под политички влијанија.

– Имајќи го предвид јавниот интерес околу одлуката на Кривичниот совет од Апелациониот суд Скопје во врска со притворот на обвинетиот С.М. Судскиот совет известува дека согласно членот 2 од Законот за Судски совет, Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт, додека според членот 11 од Законот за судовите судијата одлучува непристрасно со примена на законот врз слободна оцена на доказите и дека се забранува секој облик на влијание врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судијата во вршењето на судиската функција по кој било основ и од кој било субјект – е истакнато во соопштението од оваа институција.

Судскиот совет укажува дека судската власт е независна и самостојна, а Советот е орган кој постапува исклучиво според закон и не делува под политички влијанија, а истото се однесува и за работата на судиите.

– Оттаму, врз основа на надлежностите, сите алатки кои Советот ги има на располагање во оваа фаза, а со оглед дека судскиот предмет е активен, остануваат интерни за Советот. За секоја следна постапка или евентуална одлука Судскиот совет навремено ќе ја извести јавноста – се вели во напишаниот допис.