Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најостро ги осуди синоќешните настани пред Собранието, кога 47 полицајци беа повредени од кои двајца потешко. Спасовски утрово ги посети двајцата полицајци на Клиника за неврохирургија.

Синоќешните настани тој ги окарактеризира како вандализам, посочувајќи дека протест е демократско право, упатувајќи порака до политичките партии дека не смеат да организираат насилни протести и насилно уривање на власта.

Министерот кажа дека полицијата привела 11 лица, од кои двајца од нив се малолетни. Според него, нема повредени демонстранти. Полицијата делувала само кон таа група граѓани кои напаѓале.

Спасовски кажа дека полицијата имала информации за синоќешните настани и дека е отворена оперативна обработка, но дека тоа е дел од истрагата и оти не сакам да соопштува други детали.

– Сите информации се собрани, дури и за организаторите – рече Спасовски додавајќи дека полицијата има информации оти насилните протести би можеле да се повторат и вечерва дури и со употреба на молотови коктели, притоа повикувајќи ги организаторите и лицата кои се подготвуваат за вакво сценарио да се откажат од него.

Спасовски им се заблагодари на граѓаните за поддршката, но и на медиумите.

Најавено е продолжување на протестите против францускиот предлог. „Ултиматум, не благодарам“ повикува на масовен и мирен протест вечерва во 19 часот.

– Повторно пред влада преку МНР до Собрание. Да кажеме не на бугаразицијата. Не за полициските инфилтрати и не за полициското насилство. Да излеземе масовно и достоинствено – се вели во повикот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери утрово на својот фејсбук-профил објави три видеа и напиша дека го признава и поддржува правото на протести, но не поддржува насилство и поттикнување на омраза.

– Последиците од синоќешното дивеење пред Собранието. Признавам и поддржувам сечие право на протест, на искажување став. Постојано и силно осудувам хулиганство, насилство, поттикнување на омраза, зашто тие не се решение – напиша Џафери на фејсбук.

Дел од медиумите објавија дека по вчерашниот протест против францускиот предлог има искршени стакла и на Министерството за надворешни работи.

Од Собранието информираат дека се уште не се знае колкава е штетата и најавуваат дека дополнително ќе информираат за тоа.