Сообраќајната полиција работи со полна пареа. Таа во зимскиов период е постојано присутна на терен заради превентивно опоменување и едукација на возачите, но и за репресивно дејствување и казнување на учесниците во сообраќајот што не сакаат да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Имено, само за десет дена од новата година, сообраќајната полиција санкционирала 133 возачи поради непоседување на пропишаната зимска опрема

РЕГИСТРИРАНО МАСОВНО НЕПОЧИТУВАЊЕ ЗА ПОСЕДУВАЊЕ И КОРИСТЕЊЕ НА ЗАКОНСКИ ПРОПИШАНАТА ЗИМСКА ОПРЕМА

Екстремно ниските температури и појавата на голомразица на улиците низ земјава изминатиот период беа главна причина за сообраќајни незгоди во Македонија. Мразот е една од најпроблематичните појави за учесниците во сообраќајот, карактеристичен за овој период од годината. Токму затоа во зимскиот период возачите задолжително мора да носат зимска опрема на своите возила, за да се спречат сообраќајни незгоди, од кои голем број може да бидат и со смртоносен исход.

НЕ СЕ ПОЧИТУВААТ ПРЕПОРАКИТЕ ЗА ЗИМСКО ВОЗЕЊЕ

Голем број возачи воопшто не ја почитуваат законската обврска за задолжително носење зимска опрема на своите возила. Зимските гуми или барем оние универзалните за низ град се задолжителни, а доколку се вози на повисоки планински места, каде што се карактеристични обилни снежни наноси, и синџирите се задолжителни за управување на возилото.
Сепак, и покрај препораките, возачите не ги почитуваат законските прописи и возат без зимска опрема, ризикувајќи ги не само сопствениот туку и туѓиот живот.
Доволен доказ за тоа е неодамнешниот снег што нападна во главниот град и земјава воопшто, па се случија катастрофални сообраќајни несреќи, како последица не само на неносењето зимска опрема туку и поради непочитувањето на препораките за неодење на пат во тие периоди.
Превојот Стража, кон Охрид, беше преполн со закочени возила и камиони, а ништо подобро не беше ниту во Скопје, иако количеството на снег воопшто не беше присутно, сепак се случуваше некаде да има појава на мраз.
Возачите што ги почитуваат законските прописи велат дека причината секогаш е иста – непочитување на законот и нивната обврска како учесници во сообраќајот.
– Значи, ако препораката е да се вози со зимски гуми, не знам како можат многумина возачи, па и мои познаници, да возат со летни гуми. На тие гуми шарата им е тенка, вдлабнатините не се толку изразени, па затоа и нема апсолутно никаква можност со нив да се вози по снег и мраз. Во тој случај вие како да лизгате со патики по мраз, немате никаква контрола на возилото и со самото тоа си го ризикувате сопствениот живот и животот на другите учесници во сообраќајот. Во таквите ситуации немате можност да запрете со возилото, не можете соодветно да го контролирате возилото. Знам дека најчеста причина е беспарицата, бидејќи квалитетните зимски гуми се скапи, но во тој случај воопшто не треба да возите ако немате соодветна зимска опрема – вели Бојан Трајановски.

ЗА ДЕСЕТ ДЕНА САНКЦИОНИРАНИ 133 ВОЗАЧИ

Сообраќајната полиција, која постојано е присутна на терен заради репресивно санкционирање на возачите што не сакаат да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, само за десет дена од новата година санкционирала 133 возачи поради непоседување на пропишаната зимска опрема.
Како последица на тоа, и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата излезе со препораки за возачите за тоа како да возат во вакви зимски услови, во кои има значително ниски температури и појава на снег и мраз.
– Излезете од дома десетина минути порано за да имате време да го загреете автомобилот, да ги одмрзнете стаклата или да ги исчистите гумите од снег и мраз. Доколку сте во можност, имајте резервно гориво, во случај да има застој во сообраќајот. Возете на поголемо растојание од другите возила и одбегнувајте остри и ненадејни движења. Почитувајте ја брзината на возење, особено во близина на пешачки премин, училишта и градинки. Немојте да забрзувате и нагло да кочите, бидејќи ваквите постапки ќе доведат до лизгање. Кочете порано и имајте на ум дека мора да ја попуштите кочницата за да управувате и вртите. Во зимски услови на возење, сопирачкиот пат е за 50 отсто подолг отколку во нормални услови – предупредуваат од РСБСП.
Оттаму додаваат дека во текот на возењето се препорачува лесна контрола врз гасот.
– Во зимските услови подобро е порано да се смени степенот на пренос, односно порано менување во поголема брзина. На замрзнати површини се препорачува возење во втора брзина. Добро е во автомобилот да имате мала лопата, малку песок, крпа за бришење, метличка за чистење на снегот од стаклата, антифриз, спреј против замрзнување на стаклата и спреј за брави. Бидете информирани за состојбата на патиштата – велат од РСБСП.
Од РСБСП советуваат во зима секогаш да имате полн резервоар, без разлика дали сте заглавени во градскиот метеж или имате незгода на пат. Доволното количество гориво во резервоарот ќе ви ја осигури топлината што ќе ви биде потребна за безбедно да стигнете до посакуваната дестинација.