Со изведување докази од страна на Обвинителството во Основниот Кривичен суд – Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Софтвери” во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.

На денешната расправа Обвинителството изведе повеќе докази помеѓу кои се најдоа записници за претрес на дом и други простории, како и потврда за пронајдени и привремено одземени предмети при извршените претреси на дом, како и на правното лице „Инвока”.

Помеѓу доказите, обвинителката Ивана Трајчева денеска презентираше и неколку Вибер-комуникации помеѓу обвинетите, кои се наоѓаат на листата на докази на Обвинителството и со кои, како што рече, се докажува дека постапката на набавување на софтверите е незаконита.

Според првообвинетиот Драги Рашковски, ова претставува само „една приказна напишана во ворд”.

– На екранот гледаме ворд-документ со текст и никаде нема Вибер апликација или пак пораки пренесени преку оваа апликација. Начинот на презентација не соодветствува со она што го гледаме, овој документ може многу лесно да се измени, сите можеме што сакаме да дополниме или избришеме од содржината – рече тој.

Во врска со начинот на презентација, обвинителката посочи дека е таква бидејќи во уредот од кој се прибавени доказите има комуникации кои не се однесуваат на овој настан.

– Има приватни комуникации, па со оглед дека откако е и прегледана целата содржина која што е екстрахирана од уредите кои што ги наведов, Обвинителството има направено анализа што цени дека претставува доказ во постапката од кој би се утврдила фактичката состојба, затоа таквите пораки се презентирани во форма на извештај – рече таа.

Првообвинетиот, се вели во Обвинителниот акт, не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици. Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „Перење пари и други приноси од казниво дело”. Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „Злоупотреба на службена положба и овластување” од КЗ.

Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а во улога на застапник на обвинението денеска е обвинителката Ивана Трајчева.