Фото: МИА

Рускиот бизнисмен и почесен конзул на Русија во Битола, Сергеј Самсонеко, посочи дека неговата сопруга е сопственичка на фирмата „Лајв кер центар” која го поседува плацот од 10.000 квадратни метри купен од Јордан Камчев, сведочејќи на денешното рочиште за случајот „Плацови на Водно”. Самсоненко беше сослушан по предлог на обвинетиот Камчев.

– Јас некое време барав голем плац за да изградам куќа за мојата фамилија. Камчев ми го предложи овој плац и се договоривме во 2017 или во 2018 година. Го платив 110 милиони денари. Уште нема пат, има блокада, ги трпам штетите од блокадата – истакна Самсоненко, додавајќи дека уште не  може да го продаде плацот, ниту да го даде под закуп.

Следното рочиште за „Плацови на Водно“ е предвидено за давање одбрана од страна на обвинетите.

Случајот за овој предмет го води судијата Илија Трпков а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.

Според обвинението за овој случај, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешениот директор на УБК Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.