Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, пријавила во полиција дека пред еден месец добила две писма со закани по живот, како што истакна таа во изјава за „Дојче веле“. Таа веднаш потоа добила дополнително обезбедување, согласно со законот, со што чека информации од МВР дали е откриено кој стои зад заканите.

– Писмата пристигнаа околу 23-24 декември минатата година. Заканите беа во смисла дека невини и угледни граѓани се во затвор, а „криминалците Зоран и Вице Заеви“ биле на слобода. Ако веднаш не ги осудам ќе бидам убиена. Двете писма беа во таа смисла – кажа Рускоска за „Дојче веле“.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески денеска ја извести јавноста дека во текот на вчерашниот ден добил закана по неговиот живот, преку препорачана пратка експедирана од Пошта Битола, на 17 јануари годинава во 10.26 часот.